Убиството во Брисел се третира како терористички напад, откриени нови детали
Двајца шведски државјани се убиени вечерва од засега непознат вооружен напаѓач во белгискиот главен град Брисел, објавија локалните медиуми.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, напаѓачот, кој носел портокалова јакна и бела кацига, веднаш по инцидентот побегнал од местото на настанот и се уште е во бегство. Според белгиското Јавно обвинителство, инцидентот се третира како терористички напад.
Убиените Швеѓани носеле дресови на шведската фудбалска репрезантација, па бидејќи во Брисел вечерва се игра меч од квалификациите за Европското првенство во фудбал во 2024 година меѓу Белгија и Шведска, се претпоставува дека допатувале во белгискиот главен град за следење на натпреварот. Инцидентот се случил околу 19:15 часот на околу пет километри од стадионот „Крал Бодуен“, каде што се игра натпреварот.
Поради нападот шведските навивачи се задржани на стадионот, а прекинат е и преносот од натпреварот.
Портпарол на бриселската полиција потврди дека се убиени две лица, но одби да даде повеќе детали за настанот.
На социјалните мрежи се појави снимка на маж кој зборува арапски јазик и тврди дека е припадник на Исламска држава и дека тој го извршил нападот „во името на Алах“, но и дека убил три лица.
Белгиското Федерално јавно обвинителство потврди дека е запознато со видеото, но не може да ја потврди веродостојноста на тврдењата во него.
Во врска со нападот се огласи и белгискиот премиер Александер Де Кро, кој на платформата Икс (Х) објави дека му изразил сочувство на неговиот шведскиот колега по вечерашниот „страшен напад врз шведските граѓани во Брисел“.
– Нашите мисли се со семејствата и пријателите кои ги загубија своите најблиски. Како блиски партнери, борбата против тероризмот е заедничка, наведе Де Кро.
Тој нападот го оквалификува како „кукавички обид за атентат“ и апелираше до жителите на Брисел да бидат „внимателни“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа