Убиeн маж кој му се заканувал на Бајден – драматична акција на ФБИ

 

Маж од Јута е убиен за време на рација на Федералното истражно биро (ФБИ) во средата рано наутро, потврди бирото за „Еј-би-си њуз“.

Рацијата била поврзана со истрага за наводни закани кон претседателот Џо Бајден и други лица, изјавија официјални лица запознаени со ова прашање.

Според извор на „Еј-би-си њуз“ се работи за истрага која што почнала во април, а Тајната служба го известила ФБИ во јуни. Покрај заканувачките објави, рече функционерот, мажот на социјалните мрежи сугерирал дека планира да преземе конкретни чекори.

„Заканите беа оценети како веродостојни“, рече функционерот.

ФБИ во Солт Лејк Сити соопшти дека пукањето се случило околу 6:15 часот по локално време додека специјалните агенти се обиделе да издадат налог за апсење и претрес.

„ФБИ сериозно ги сфаќа сите инциденти со пукање во кои се вклучени наши агенти или членови на работната група. Во согласност со политиката на ФБИ, инцидентот со пукањето е под контрола на истражниот оддел. Бидејќи ова е тековно прашање, немаме дополнителни детали за објавување“, се вели во соопштението на ФБИ.

Починатиот осомничен е Крег Робертсон, изјавија повеќе извори за „Еј-би-си њуз“ . Тужбата против него вклучува бројни објави на социјалните мрежи за кои се верува дека ги направил Робертсон со закани дека ќе ги убие Бајден и потпретседателката Камала Харис, како и неколку функционери вклучени во гонењето на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Претседателот треба да ја посети Јута во среда.

Меѓу објавите што наводно ги напишал Робертсон имало и една крајно вознемирувачка, а споделена на 6 август, три дена пред закажаната посета на Бајден.

„Слушам дека Бајден доаѓа во Јута. Го откопувам мојот стар костум и ја бришам прашината од снајперската пушка М24“, се наведува во објавата.

Бајден е запознаен со настанот, изјави претставник на Белата куќа.

09.08.2023 - 22:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега