Уапсен е украински воен функционер, си купил скапа вила во Шпанија

 

Украинското државно истражно биро (ДБР), кое ги истражува случаите на корупција на високо ниво, го приведе Евгени Борисов во Киев, два дена откако издаде налог по него, како дел од заедничката акција со државното обвинителство.

Осомничениот „се обидел да избега менувајќи го телефонскиот број, регистарската табличка на автомобилот и местото на живеење“, се додава во соопштението на ДБР. Полковникот Борисов беше задолжен за мобилизација и регрутирање во регионот Одеса, на југ, сè додека не беше ослободен од должноста по извештаите во медиумите.

Тој е осомничен за „незаконско богатење“ и обид за избегнување воена служба, за што му се заканува „затвор до десет години“, според ДБР. Истражната канцеларија во мај објави дека овој функционер, во замена за поткуп, им наредил на подредените да не мобилизираат некои луѓе, во времето на руската инвазија која започна во февруари 2022 година.

Работата ја открил влијателен украински медиум, кој наведува дека во декември 2022 година, мајката на Евгени Борисов,инаку пензионерка, станала сопственичка на вила во Марбела, популарна туристичка дестинација на југоистокот на Шпанија, вредна околу четири милиони евра.

Покрај тоа, сопругата на Борисов купила деловен простор во Марбела за речиси 740.000 евра, а нејзината свекрва во последните години купила неколку луксузни автомобили, наведува истиот извор. Државната антикорупциска агенција (НАЗК) минатата недела објави дека го сомничи поранешниот функционер за „незаконско богатење“, проневерено 4,59 милиони евра.

Борбата против корупцијата, ендемично зло во Украина, која уште пред руската инвазија беше меѓу посиромашните европски земји, е еден од условите на Европската унија за зачувување на кандидатскиот статус на Киев.

24.07.2023 - 22:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега