Спасовски за уставните измени: Се разговара со секој пратеник, никој нема право да ја држи во заложништво перспективата на граѓаните
Една од клучните цели и приоритети на државата е членството во Европската Унија и ако сите знаеме дека тој пат нема алтернатива, а нема заради тоа што досега не беше понудена никаде, тогаш е многу јасно дека треба да работиме и да направиме се да го отвориме тој пат, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Изолацијата на државата, посебно изолација која што доаѓа од внатре е неприфатлива. Се разговара со секој пратеник заради тоа што сега одговорноста е на пратениците, оние коишто ги претставуваат граѓаните. Мислам дека никој нема право да ја држи во заложништво перспективата на македонските граѓани“,рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање при денешното одбележување на Денот на Единицата за брзо распоредување во Куманово.
Тој нагласи дека и во наредниот период ќе продолжат низ дијалог и политичка активност да бараат начин за да бидат донесени уставните измени кои се неопходни за земјава да го продолжи евроинтеграцискиот процес.
„Посакувам час поскоро да ги завршиме сите овие активности и Република Северна Македонија да продолжи напред на патот кон европските интеграции заради тоа што ако застанеме на овој пат, многу години чекање како што се чекаше досега има негативен ефект исклучиво врз граѓаните и врз државата, а не врз политичарите“, рече Спасовски.
Според него, важно е политичарите да бидат разумни, да не гледаат за свој личен интерес, да не гледаат за политика која што ќе биде од денеска за утре, туку да гледаат визионерски, да гледаат напред, да гледаат после 20, после 30 години кога, како што кажа, сите ние би биле дел од европското семејство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа