Синдикатот реагира: Од 7 часот утрово се врши тортура врз вработените во Водовод
Вработените во ЈП Водовод и канализација Скопје, од 07 часот утринава се соочуваат со тортура од страна на новото раководство на јавното претпријатие, информира надлежниот синдикат.
Повеќе од 1/3 од вкупниот број на вработени во претпријатието се засегнати со губење на работните места и незаконски распоредувани на други работни места со Задолженија без право на приговор и без право на жалба што е спротивно и на Закон и на колективен договор и на Уставот на државата.
Новиот В.Д Директор кој доаѓа од редовите на вработените во претпријатието, со седнувањето на директорското столче веднаш започнал со тортура, освета и притисок кон неговите довчерашни колешки и колеги од само нему познати причини.
Ваквиот реваншизам и тортура врз вработени не најгрубото кршење на работничките права во скопски водовод, за разлика кога во минатиот период директори и од СДСМ, Душко Весковски од 2017 година до 2021 година и од ВМРО – ДПМНЕ, Златко Перински од 2021 до 2022 година, се почитуваше колективниот договор, се исплаќаа сите додатоци и надоместоци на плата, се зголеми платата на вработените итн.
За СУТКОЗ при ССМ постојат само работници кои редовно одат на работа и ги извршуваат работните задачи согласно Договорите за вработување, ЗРО и Колективните договори, а не како што милува некој да каже работници примени од овој или оној директор.
Ваквиот однос на новиот в.д Директор може да доведе до колапс на водоснабдителниот и канализацискиот систем во Скопје, поради тоа што квалификуваните работници се упатуваат да извршуваат други работни задачи, а дел однив ги губат и своите работни места.
Синдикатот СУТКОЗ за овие постапки и самоволие веќе пријави до Државниот инспекторат за труд и се разгледува можноста за штрајк согласно Закон и Колективен договор со една цел, зачувување на работните места и стоп на самоволието на новиот в.д Директор - велат од Синдикатот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа