Се реконструира улицата „Тодор Александров“ која води кон Водно

 

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на денешната прес-конференција го најави отпочнувањето на проектот за реконструкција на улицата „Тодор Александров“ која води кон Водно, каде едновремено се реконструира и системот за одводнување.

– Улицата „Тодор Александров“ е во исклучително лоша состојба и како една од најфреквентните улици за жителите кои се движат кон врвот на Водно, барањето за нејзина реконструкција е истакната како децениски проблем, за сите кои редовно транзитираат по оваа сообраќајница. Воедно, барање за реконструкција истакнаа и голем број велосипедисти со цел подобрување на безбедноста и сигурноста за учесниците во сообраќајот при движење по коловозот, рече Арсовска.

Таа информираше дека улицата „Тодор Александров“ целосно се реконструира на површина од 18.580 м2 на должина од 2820 метри, а воедно целосно се реконструира системот за одводнување, вклучително и нивелирање на шахти и сливници.

-Градежните зафати на овој проект за реконструкција на улицата „Тодор Александров“ ги изведува Јавното претпријатие „Улици и патишта“, а едновремено Јавното претпријатие „Паркови и зеленила“ отпочнува со акција за зазеленување со нови садници, реконструкција на видиковци и еко урбана опрема на потегот кон Средно Водно, додаде Арсовска. 

18.10.2022 - 15:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа