СДСМ со осуда за вечерашните инциденти: ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица сакаат да ја дестабилизираат државата

Вечерва граѓаните беа сведоци на нови инциденти и насилство на протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ и проруската инсталација Русија пред Собранието, реагираше вечерва владејачката СДСМ.

Според партијата, овие сцени наликувале на 27 април.

-Повторно бевме сведоци како насилници со качулки ги нападнаа полицајците, фрлаа запаливи течности, ги каменуваа припадниците на македонската полиција и се обидоа насила да влезат во Собранието.  Вакви слични сцени гледавме на црниот 27 ми април и знаеме што тоа значи. Првичните информации се дека има и повредени неколку припадници на полицијата. СДСМ најостро го осудува насилството, овој насилен начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица го покажува нивното вистинско деструктивно и насилно лице, се вели во дописот од партијата.

Од СДСМ велат дека протестот е загарантирано право, но насилството е кривично дело, а одговорност мора да има.

-ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица сакаат да ја дестабилизираат државата, да и наштетат и со тоа да одработат на центри на моќ кои не и мислат добро на нашата земја и на нашиот народ и не сакаат земјата да биде дел од Европската уника. СДСМ, институциите, заедно со граѓаните, нема да дозволиме насилничкото однесување и сценаријата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ја загрози државата. Нека не се обидуваат да го повторат упадот од 27 април. Тоа нема да го дозволиме, велат од СДСМ.

05.07.2022 - 22:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега