Путин: Процесот на дедоларизација е неповратен

 

Рускиот претседател Владимир Путин изјави денес дека процесот на дедоларизација меѓу членките на БРИКС е неповратен.

„Неповратниот процес на дедоларизација зема замав, се вложуваат напори да се разработат ефикасни механизми за меѓусебни порамнувања и монетарна и финансиска контрола“, наведе Путин во видео-обраќањето за време на самитот на БРИКС во Јоханесбург, пренесува ТАСС.

Додаде дека уделот на доларот во плаќањето кое се однесува на извозот и увозот опаѓа, и дека минатата година изнесувал 28,7 отсто.

Претседателот на Русија истакна дека членките на БРИКС соработуваат врз принципот на еднаквост и меѓусебна поддршка, како и дека меѓусебните инвестиции на земјите членки се зголемиле шест пати во последните 10 години.

„Инвестициите во глобалната економија двојно се зголемија, а нивниот вкупен извоз достигна 20 отсто од извозот на светско ниво“, кажа Путин.

Тој наведе дека инфлацијата, која денес е еден од најголемите проблеми во светот, делумно е предизвикана од печатењето пари во низа земји поради обидите да се санираат последиците на пандемијата на коронавирусот.

Зборувајќи за договорот за житото, Путин порача дека Москва се повлекла од договорот бидејќи не се исполнети одредбите кои ѝ се ветени. Додаде дека Русија е спремна да се врати на договорот, доколку биде исполнето она што ѝ е ветено.

22.08.2023 - 22:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега