Поплава во ГТЦ - Кино Милениум се затвора на неодредено време
Од Градското кино Милениум известуваат дека лошото невреме кое го зафати главниот град имало голем удар и врз Киното.
„Лошото невреме кое го зафати главниот град, за жал имаше голем удар и врз Кино Милениум и целиот Градски Трговски Центар.
Како што може да се забележи од приложените слики и видео материјали, од двете страни на платното имаше проток на вода, низ неонските светла на двата странични излези лево и десно од сцената, кровот на салата е дополнително уништен, паднати се делови од таблите на таванот, водени се сите делови од кровот кон системот за озвучување во салата. Во предниот дел на салата, меѓу бината и првите редови седишта имаше огромно количество вода кое се слеваше од сите страни на кровот надолу. Делови од фоајето се зафатени со влага, влезот на киното беше комплетно поплавен. Дополнително ќе се врши и проценка на електричната инсталација.
Во текот на следниве денови ќе се прави дополнителна проценка на материјалната штета предизвикана во фоајето, салата, тоалетите и дел од службените простории на киното.
Во овој момент, додека не се изврши комплетна санација и реновирање на киното и додека не се процени дека е безбедно граѓаните повторно да влезат во сала, Ве известуваме дека Градско Кино Милениум НЕМА ДА РАБОТИ НА НЕОДРЕДЕНО ВРЕМЕ.“
02.09.2022 - 14:02
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа