Погодена православната црква во Појасот Газа, има загинати и ранети, соопштија палестинските власти
Во експлозија доцна синоќа во православна црква во Појасот Газа, каде што се засолниле палестински бегалци, има мртви и ранети, соопштија палестинските власти, наведувајќи дека храмот бил погоден во израелски напад, пренесуваат медиумите во регионот.
Директорот на болницата Шифа, Мухамед Абу Селма утринава објави дека има мртви и ранети, но не можеше да го каже точниот број на жртви бидејќи многу тела се уште се под урнатините.
Според непотврдени извештаи, најмалку две лица загинале.
Ерусалимската патријаршија го осуди нападот и рече дека ќе ја исполни „својата верска и хуманитарна должност“ да обезбеди помош.
Еден од преживеаните изјави за катарската телевизија на арапски јазик „Ал Џезира“ дека немало предупредување од израелската армија пред нападот.
Црквата се наоѓа во населбата Ал-Зајтун во Стариот град и го добила името по свети Порфириј, таа била претворена во џамија во седмиот век, а нова црква била изградена во 12 век за време на крстоносците, наведува Асошиејтед прес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа