По втор пат го освои Ролан Гарос- колку „тежи“ во моментов Ѓоковиќ
Се чини дека половина планета го обожава српскиот генијалец Ѓоковиќ. Тој по втор пат го освои Ролан Гарос, а Рафаел Надал, „кралот на глината“, беше симнат од тронот во Париз. Во финалето, предноста на Стефанос Циципас од 2:0 во сетови не беше доволна за младиот Грк да се круниса на Грен слемот. Новак стигна до 19-та титула на најголемите турнири и сега почнува да го напаѓа „Златниот слем“ освојувајќи ги сите четири најголеми турнири годинава. Тој цели и да освои злато на Олимписките игри, што му недостасува во кариерата.
Со триумфот на париската „глина“, банкарската сметка на овој ас беше зголемена. Србинот со титулата собра милион и 690.000 долари на Ролан Гарос. Циципас на пример, направи 907.000 за финалето. Само од наградите на турнирот сезонава, Ѓоковиќ, најдобриот тенисер на денешницата, заработи повеќе од 4 милиони долари.
Пред седум години, Ѓоковиќ стана првиот тенисер кој ја скршил магичната сума од 100 милиони долари заработени од награди, ако не ги сметаме договорите со спонзорите. Тој во моментов е најдобриот тенисер во светот со 149.798.813 „зелени“, убедливо најмногу во историјата на тенисот. За споредба, Роџер Федерер достигна до 129.992.673 долари, а Рафаел Надал во кариерата собра 124.480.032 долари.
Пред Ѓоковиќ следува кратка пауза и одмор, а потоа започнуваат сезоните на трева и најголемиот турнир во светот, Вимблдон, кој Новак го освои пет пати. Српскиот првак ќе има можност во Лондон да се израмни со Роџер Федерер и со Рафаел Надал по бројот на круни на Грен слем турнири. Швајцарецот и Шпанецот имаат 20, а Новак сѐ уште 19.
– Никогаш не мислев дека е невозможно. Сè уште не сум стигнал таму, но сега има една разлика помалку. Рафаел и Роџер сè уште играат одлично, сите ја имаме истата можност на Вимблдон и на следните грен слемови. Ќе продолжам да јуришам, но истовремено ќе го задржам мојот оригинален пат. Тројцата имаме свои патишта – рече Новак одолевајќи ѝ на еуфоријата по големиот триумф против гркот Циципас и обезбедената втора круна на париската глина.
На најновата АТП листа, Ѓоковиќ остана убедливо прв со 12.113 поени, скоро 2000 повеќе од Русинот Данило Медведев (10.143) кој остана на второто место и покрај слабиот резултат во Париз. Рафаел Надал ја задржа третата позиција, а утеха за Циципас беше што го престигна Доминик Тим на четвртото место. Австриецот Тим беше поразен во првото коло на Ролан Гарос.
Меѓу првите 10 тенисери во светот во моментот се и Александар Зверев, Андреј Рубљов, Роџер Федерер, Матео Беретини и Роберто Баутиста Агут.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа