Падна одлука: Скопјани утре без јавен превоз

 

Скопје утре ќе остане без градски превоз. Синдикатите попладнево по седницата на Советот на Град Скопје револтирани дека нема договор за нивните барања, ја напуштија седницата и најавија дека утре нема да има јавен градски превоз.

– Репрезентативните синдикати на ЈСП беа присутни на вонредната седница на Советот на Град Скопје и очекувавме брз и експресен одговор по иницијативите што ги дават политичките партии дека одредени средства ќе се префрлат на сметката на ЈСП и ќе се исполнат обврските кон вработените. Бевме наивни мислејќи дека тоа ќе се случи. Сагата продолжи до нешто пред 17 часот кога баравме збор од спикерот и не го добивме по што седницата на Советот се прекина за да може да одговориме што ќе преземат синдикатите во текот на утрешниот ден, вели во изјава за МИА претседателот на синдикатот на ЈСП Миќо Стојановски.

Вработените од ЈСП утре ќе бидат во автобазите на ЈСП во Ѓорче Петров и Автокоманда и автобусите нема да возат.

–  Им се извинуваме на граѓаните, но ова мораше да се случи за еднаш засекогаш да го решиме проблемот со редовни плати во ЈСП, изјави Стојановски.

За проблемот на ЈСП денеска дебатираа и советниците во Град Скопје на вонредна седница на која  меѓусебно се обвинуваа кој е крив. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија градоначалничката Данела Арсовска и побараа нејзина одговорност. Најавија дека се подготвени да се откажат од сите дискусии и да се донесе одлука со која уште вечерва ќе им бидат префрлени пари на ЈСП.

– Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сме подготвени во моментот да се откажеме од сите дискусии кои што беа предвидени сега во моментот, да дадеме пауза ако треба од неколку часа и да побараме од градоначалничката одма денеска уште веднаш да ни ја достави одлуката, ќе седиме колку што е потребно и за да ја изгласаме таа одлука уште вечерва да се префрлат средства на вработените во ЈСП и од утре автобусите да можат слободно да се движат и граѓаните на Скопје да имаат превоз, рече Марија Андоновска, координаторка на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје.

И советниците од СДСМ обвинија дека за првпат скопјани ќе останат без градски превоз и дека за тоа е виновна локалната власт. Посочија дека во буџетот на Град Скопје за 2022 година, заедно со ребалансот на 30.06.2022 година за ЈСП беа предвидени вкупно 530.000.000 денари или 8,6 милиони евра.

– За прв пат во својата историја на Градот Скопје, граѓаните останаа без јавен превоз. Прв пат од независна Македонија па до денеска, пензионерите, средношколците, граѓаните да не можат да користат јавен превоз. Помина само 1 година локална власт на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска за да се случи ваква катаклизма со јавниот превоз. Најгневни од сите се скопјани и тоа со право, рече советникот од СДСМ Гордан Шутаров.

19.10.2022 - 18:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа