Николиќ: Ако Србија и Хрватска се тужат за геноцид, кого да убедуваме дека ние сме пријатели
Претседателот на Србија Томислав Николиќ изјави дека спорот меѓу Србија и Хрватска за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг е заробеник на лошата политичка клима во Хрватска.
Тој во интервју за Радио-телевизија Србија истакна дека политичката ситуација во Србија не зависи од тоа дали Белград ќе се откаже од противтужбата за геноцид, за разлика од Хрватска.
- Меѓутоа, најдорбиот претседател за односите со Србија, Иво Јосиповиќ и најдобрата Влада во Хрватска на премиерот Зоран Милановиќ, не се осмелуваат да ја повлечат тужбата, истакна Николиќ, оценувајќи оти судбината на тој спор пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг е „заробеник на лошата политичка клима во Хрватска“.
- Ако се тужиме за геноцид, кого да убедуваме дека сме пријатели и оти само глумиме дека се тужиме. Или глумиме пријателство или глумиме дека се тужиме, посочи Николиќ.
Тој наведе дека хрватската страна поставила услов Србија да ги открие масовните гробници во Србија во кои се закопани Хрвати.
- И ние би можеле да им поставиме 15 услови, тие да ги откријат масовните гробници на Србите, да го вратат имотот, пензиите, да гарантираат апсолутна безбедност и дека никој не смее да биде нападнат ако се вратат, посочи Николиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа