Скопјанец ќе си ја тужи сосетката - му го шутнала и убила кученцето

 

Скопјанецот Русе Максимовски ја тужи својата сосетка, бидејќи го убила неговото куче од расата чивава кое го чувал како член на семејството цели 17 години, објавува Дневник.

Тојза Дневник тврди дека на 4 јануари, додека го шетал кучето спроти училиштето „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае, неговата сосетка го клоцнала кученцето многу силно во градите, по што тоа одлетало неколку метри.

- Веднаш го однесовме Тото на ветеринар, кој утврди тешки повреди на градите. Го негувавме неколку дена, секој ден го носевме на ветеринар, а тој попладне доаѓаше кај нас. По шест дена поминати во болка и агонија, Тото умре. Пријавивме во полиција, а имаме и сведоци за настанот. Бараме сосетката да биде казнета во согласност со законот. Тото ни беше од големо значење за семејството, затоа што цел живот е растен со нашата ќерка. На таков начин да почине е стресна ситуација за сите нас, вели Максимовски за Дневник.

Тој се прашува дали сосетката би имала храброст да го шутне, доколку се работело за шарпланинец или за друго поголемо куче.

- Тото на возраст од 17 години, без заби, со слаб вид и ослабена мускулатура не би можел да нападне никого. Личноста што го уби во никој случај не беше загрозена од нашето куче за да го шутне како топка, вели Максимовски.

Скопјанецот веднаш се обратил до Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, од каде што веднаш испратиле претставка до Агенцијата за храна и ветеринарство, за суровост, мачење и убиство на животно.

- Бараме да постапите во согласност со вашите надлежности од Законот за заштитата и благосостојбата на животните и најстрого го казните лицето кое намерно и со сета сила шутна мала чивава, ја изложи на екстремна физичка болка и ја уби, со што експлицитно го прекрши законот. Бараме овој случај најстрого да се осуди и казни, со што во иднина би се превенирале вакви дела, се вели во претставката од „Анима мунди“ до АХВ.

Максимовски вели дека ако претставката до АХВ не вроди со плод, тој ќе ја тужи својата сосетка.

23.01.2014 - 11:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега