ФОТО: Огновите гореа децата пееја - големи фешти за Бадник во Кисела Вода

 

Бадниковите огнови вчеравечер ги осветлија речиси сите маала во општината Кисела Вода. Во насока на зачувување и негување на традицијата, општината и годинава традиционално подели дрва на вкупно 115 заинтересирани групи на граѓани од сите месни и урбани заедници во општината, кои се пријавија на повикот. Општина Кисела Вода за оваа цел ја искористи сечата на стари дрва која ја реализираше уште во летниот период, по што следеше организирана достава на дрвата до сите месни и урбани заедници.

За вчерашната најава за Бадник и големиот христијански празник РождествоХристово - Божик, општината во духот на традицијата обезбеди и испорача по една погача и шише вино до сите 15 месни и урбани заедници во општината.

Рано изутринава, пак, Рождеството Христово во домовите го најавија децата коледари. Православните христијански верници денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

 

-Бадник е празник за семејството. На овој ден не се оди на гости и сите треба да бидат во своите домови покрај најблиските. Според традицијата, вечерта целото семејство се собира околу бадниковата трпеза, која треба да биде празнична и богата, но задолжително посна. Бадник го означува крајот на 40-дневните божикни пости. Домаќинките приготвуваат тавче-гравче, риба, сарма, питулици, компири а ставаат и овошје за трпезата да биде побогата, се вели во соопштението од Кисела Вода.

06.01.2014 - 11:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега