Јакимовски ќе прими меѓународно ИТ признание за општина Карпош
Општина Карпош е добитник на признание во информатичката технологија, најуспешен ECDL (European Computer Driving) проект во Македонија за 2013 година.
Европската компјутерска возачка дозвола е меѓународно признаен сертификат за информатичка писменост, кој гарантира дека сопственикот поседува знаење за работа со компјутер согласно стандардите за компјутерска писменост диктирани од ECDL фондацијата.
Ова високо признание на општина Карпош, што и го доделува Единствениот информатички сојуз на Србија – ЈИСА, на градоначалникот Стевчо Јакимовски ќе му биде врачено денеска во Собранието на Град Белград.
Доделувањето на признанието, како што информира општина Карпош, е во согласност со договорот за соработка од страна на ресорните министри на Србија, Црна Гора и Македонија, кој е потпишан во октомври 2013 година на Милочер.
Посебни признанија за примена на ECDL стандардот, освен општина Карпош ќе добијат и Министерството за информатичко општество и телекомуникации на Црна Гора и Министерството за образование на Црна Гора, како и посебно признание за Министерството за внатрешни работи на Србија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа