Завршија бесплатните обуки по информатика и англиски јазик во Кисела Вода

 

Со одржување на последниот час и доделување на сертификатите за успешно завршена обука, денеска официјално заврши првиот циклус на бесплатни обуки по информатика и англиски јазик во организација на Општина Кисела Вода.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ денеска присуствуваше на последниот час по англиски јазик во ОУ Кирил Пејчиновиќи лично ги додели сертификатите на околу 150 слушатели, кои успешно ја завршија обуката по англиски јазик и информатика во ова училиште.

-Сакам да напоменам дека иако за првпат годинава ја организиравме оваа акција за бесплатни обуки по информатика и англиски јазик, на мое големо задоволство интересот кај нашите сограѓани беше огромен. Имено, во училиштата во кои бесплатно се одвиваше наставата по овие два предмети, вкупно се пријавија преку 570 кандидати. Од нив 382 беа најупорни, целосно ја проследија наставата, успешно го положија крајниот тест и добија сертификати” – изјави Беличанец - Алексиќ.

Таа информираше дека обуките ги посетувале граѓани од сите возрасти, но најголем процент од слушателите биле повозрасни луѓе.

Беличанец – Алексиќ упати голема благодарност до директорите на училиштата, а посебно на наставниците по информатика и англиски јазик, за нивната вклученост и максималното ангажирање во овој проект.

-Ја користам приликава да ги охрабрам и поттикнам сите граѓани на општината, кои не го проследија првиот циклус за бесплатни обуки, да се пријават на вториот циклус бесплатни обуки кои општината планира да ги реализира во 2014 година – заврши Беличанец - Алексиќ.

Обуките се реализираа од почетокот на ноември, во пет основни училишта во општината, а предавањата ги држеа предметните наставници по англиски јазик и информатика, на кои Градоначалникот Беличанец – Алексиќ на завршната манифестација им додели пригодни подароци.

 

21.12.2013 - 12:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега