Во Хрватска повлечена шунка од продажба поради опасна бактерија
Во Хрватска е повлечена од продажба шунка од словенечко потекло.
Имено станува збор за сендвичот Z’ dežele со шунка од 500 грама со рок на употреба 31.05.2024 година, поради утврдена бактерија Listeria monocytogenes, соопшти хрватскиот државен инспекторат.
Како што е соопштено, шунката е од словенечкиот производител Celjske mesnine d.o.o., лот број 1413100, а веледрогеријата е METRO Cash & Carri d.o.o.
Производот не е во согласност со Регулативата на Комисијата (ЕЗ) од 15 ноември 2005 година за микробиолошки критериуми за храна, а известувањето се однесува исклучиво на наведениот производ, стои во соопштението.
Бактеријата Listeria monocytogenes предизвикува заразна болест листериоза, која може да доведе до предвремено породување и спонтан абортус во текот на бременоста. Листериозата може да влијае и на централниот нервен систем. Бактеријата се наоѓа во околината и во цревата на цицачите (освен луѓето), птиците, раковите и пајаците.
Станува збор за бактерија која може да се размножува при прилично ниски температури на складирање (+4°C), а поради силната отпорност и високата концентрација на натриум хлорид, листеријата може да преживее различни процеси кои се користат во преработката на храната.
Контаминираната храна е главниот пат на пренесување на оваа бактерија од околината на луѓето.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство во Република Северна Македонија досега немаат добиено нотификација преку Европскиот систем за известување за небезбедна храна и храна за животни (RASSF), дека на македонскиот пазар е пласиран небезбеден производ – сендвич со шунка од 500 грама со рок на употреба 31.05.2024 година, лот број 1413100, поради утврдено присуство на бактеријата листерија моноцитогенес, кој според пишувањата во медиумите, се повлекува од пазарот во некои од државите од регионот, соопшти АХВ.
Како одговорна институција за безбедноста на храната, АХВ ја следи состојбата и доколку се јави потреба, во најкус рок, во интерес на заштита на здравјето на граѓаните, навреме ќе бидат преземени потребните мерки за евентуално повлекување на производот од пазарот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа