Запленето оружје во северно Косово, се претпоставува дека останало по нападот во Бањска минатиот септември

 

Косовските власти соопштија вечерва дека конфискувале значителни количини оружје во северниот дел на државата, за кое постои сомневање дека останало таму по нападот на српска вооружена група на 24 септември минатата година во Бањска кај Звечан, јави дописникот на МИА од Приштина.

Генералниот директор на косовската полиција, Газменд Хоџа изјави дека полицијата ги обезбедила информациите за местото каде што е пронајдено оружјето од граѓани и од Косовската разузнавачка агенција (АКИ).

Хоџа, заедно со министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, во обраќање пред новинарите вечерва информира дека рациите се извршени во околината на Звечан, односно во тамошната населба Рударе.

Директорот на косовската полиција рече дека меѓу одземената опрема има околу 1.500 парчиња муниција, 10 долги пиштоли, 62 шок бомби, експлозиви, радио врски, полни и празни шаржери и една униформа на српската војска.

Хоџа информира дека едно лице, поранешен косовски полицаец, веќе е приведено, бидејќи се сомничи дека е поврзано со оружјето кое било пронајдено во близина на неговата куќа.

Од нападот на 24 септември во Бањске во Звечан, косовските власти неколкупати презентираа конфискувано оружје во северниот дел на државата, населен со мнозинско српско население.

Во септември 2023 година, српска вооружена група ја нападна косовската полиција во Бањска, при што го уби наредникот Африм Буњаку.

Во размената на огнот што уследи по нападот загинаа тројца од напаѓачите.

Косово тврди дека државата Србија е одговорна за организирањето и извршувањето на нападот, додека Белград го негира тоа, тврдејќи дека тоа било резултат на незадоволството на косовските Срби од однесувањето на Владата на премиерот Албин Курти кон нив.

Одговорноста за нападот ја презеде поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ.

Моментно се претпоставува дека Радоичиќ е во Србија, а против него е распишана меѓународна потерница од светската полициска организација, ИНТЕРПОЛ.

Меѓународниот фактор постојано бара од Белград одговорните за нападот да ги изнесе пред правдата.

14.05.2024 - 22:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега