Додик: Ако Трамп победи на изборите, Република Српска би можела да прогласи независност

 


Во интервјуто кое на своите веб-страни го објави рускиот провладин весник „Известија“, лидерот на босанските Срби, Милорад Додик рече дека „БиХ исчезнува“ и РС ќе бара начини да ја зајакне својата независност.

Додиќ очекува дека победата на Доналд Трамп на претстојните претседателски избори во САД може да ја отвори вратата за прогласување независност на Република Српска. Лидерот додаде дека властите на тој ентитет не се откажале од таквата цел и покрај предупредувањата од Западот .

„Чекаме некои големи сили да кажат дека (српскиот) народ има право на самоопределување. Никогаш не се откажавме од потребата да ја зајакнеме нашата Република Српска“, рече Додик, додавајќи дека ентитетот нема да ја пропушти можност да го заштити својот статус „на мирен начин“.

„На пример, ако се случи Доналд Трамп да победи на претседателските избори во САД, може да се појават одредени услови тоа да се случи. Тоа сепак може да се случи. Мислам дека е погрешно да се каже дека тоа никогаш нема да се случи“, рече Додик, кој минатата недела беше во Татарстан и таму се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, со кого, како што самиот тврдеше, разговарал цел час зад затворени врати.

На прашањето на „Известија“ дали е можен референдум за независност на РС веќе оваа година, Додик одговори дека останува да се види, а коментирајќи ја можноста тој ентитет да и се приклучи на Србија по прогласувањето независност од Босна и Херцеговина, тој објасни дека тоа го гледа како право на обединување на сите Срби според моделот со кој се обединија Источна и Западна Германија.

Во интервјуто, објавено точно две години откако Русија започна освојувачка војна против Украина, Додик отворено ја бранеше политиката на Москва и се залагаше за продолжување на кампањата против Украина, вклучувајќи го и тврдењето дека Русија има целосно право на Крим „кој никогаш не бил украински“.

„Верувам дека Русија не треба да го остави ова прашање недовршено. Ако прашањата во кои и понатаму се мешаат западните сили останат недовршени, позицијата на Русија ќе ослабне. Ако се решат сите прашања во стратешки важни области, тоа ќе и даде сила и на Русија и на целиот свет“, рече Додик.

26.02.2024 - 12:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега