САД ставија трето вето на резолуцијата за Израел и Хамас, има алтернативен предлог

 

Соединетите држави повторно ставија вето на предложената резолуција на Советот за безбедност на ОН за војната меѓу Израел и Хамас, блокирајќи го барањето за итен хуманитарен прекин на огнот.

Предлогот за резолуција презентиран од Алжир беше поддржан од 13 членки на Советот за безбедност, а Британија беше воздржана. Тоа е третпат САД да стават вето на предложената резолуција на Советот за безбедност на ОН од почетокот на војната на 7 октомври.

„Гласањето за оваа нацрт-резолуција е поддршка за правото на живот на Палестинците. Од друга страна, да се гласа против тоа значи да се поддржи бруталното насилство и нивното колективно казнување“, изјави алжирскиот амбасадор во ОН Амар Бендјама пред Советот пред гласањето.

Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд во саботата изјави дека САД ќе стават вето на резолуцијата бидејќи може да ги загрози преговорите водени од САД, Египет, Израел и Катар за прогласување прекин на огнот и ослободување на заложниците што ги држеше Хамас во Појасот Газа.

„Секоја акција што овој Совет ќе ја преземе сега треба да помогне, а не да ги попречи на оние чувствителни преговори што се во тек. И ние веруваме дека резолуцијата што е сега на маса всушност ќе има негативно влијание врз тие преговори“, рече Томас-Гринфилд пред гласањето.

„Барањето итен, безусловен прекин на огнот без договор кој бара од Хамас да ги ослободи заложниците нема да донесе траен мир. Наместо тоа, тоа може да ги продолжи борбите меѓу Хамас и Израел“, рече таа.

Во меѓувреме, САД поднесоа алтернативна нацрт-резолуција која повикува на привремен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас и изразува противење на големата израелска копнена офанзива во Рафах, според текстот што го видел Ројтерс. САД рекоа дека планираат да остават време за преговори и нема да избрзуваат со гласањето.

САД досега не сакаа да го спомнат зборот „прекин на огнот“ во каква било акција на ОН за војната меѓу Израел и Хамас, но американскиот текст го повторува јазикот што американскиот претседател Џо Бајден рече дека го користел во разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата недела.

Според нацрт-резолуцијата на САД, Советот за безбедност „ќе ја нагласи својата поддршка за привремен прекин на огнот во Газа што е можно поскоро, врз основа на ослободување на сите заложници и ќе повика на отстранување на сите бариери за испораката на хуманитарна помош колку што е потребно.”

Алжирската нацрт-резолуција, која доби вето од САД, не го поврзува прекинот на огнот со ослободувањето на заложниците. Одделно, повикува на итен хуманитарен прекин на огнот и итно и безусловно ослободување на сите заложници.

20.02.2024 - 23:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега