Приведени три лица за случајот „Нова љубљанска банка“
Полицијата во Словачка соопшти дека претресела 11 локации и уапсила три лица во рамки на истрагата за стопански криминал во „Нова љубљанска банка“ (НЛБ).
Се претпоставува дека станува збор за истрагата поврзана со неоправданите и големи кредитни пласмани на банката во минатото.
Исто така полицијата соопшти дека на локации во Љубљана и Марибор, кај физички и правни лица, бара деловната документација и други предмети што ќе послужат како доказ во продолжение на кривичната постапка.
Истрагата ја води специјалното државно обвинителство, врз основа на пријава од НЛБ, а станува збор за сомнеж за повеќе кривични дела злоупотреба на положба или права на овластени лица, за што може да се добие казна до осум години затвор.
Директорот на НЛБ, Јанко Меѓа, изјави дека истрагата, што се одвива во последните неколку недели, е поврзана со нивната пријава и дека соработката со полицијата е „одлична, но оти повеќе не може да каже ништо повеќе во интерес на истрагата и на самата банка“.
НЛБ, најголемата словенечка банка во сопственост на државата, неодамна потврди дека спровела целосна контрола на повеќе од 100 случаи на кредитна изложеност, кои се причинители на 70 отсто од сите загуби на банката во последните години.
Криминалистичката истрага за неправилностите во словенечките банки неодамна беше олеснета и со измените во Законот за банкарство со кој појасно се прецизира што се доверливи податоци, а кои податоци на банката може да се достават до полицијата. Со истите измени за четирипати е продолжен законскиот рок за застареност на кривичната одговорност на членовите на управните или надзорните одбори во банките.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа