Турската компанија „Шахтерм“ ќе инвестира 70 милиони евра во нов капацитет во ТИРЗ Скопје

 

Турската компанија „Шахтерм“ ќе инвестира 70 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет во ТИРЗ Скопје. Одлуката за инвестиција е постигната на средбата во Бурса, Република Турција на директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата Фарук Шахин.

-Со денешната одлука, „Шахтерм“ станува нов член на семејството на ТИРЗ. Разговорите, посебно оваа последна рунда не беа воопшто лесни. Но, она што е важно на крајот е одлуката на компанијата да инвестира во Македонија и да имаме нови 1.000 работни места за нашите сограѓани, изјави Деспотовски при објавувања на одлуката во седиштето на компанијата.

Тој изрази и благодарност за сите институции, како и Амбасадата на Северна Македонија во Анкара за поддршката при разговорите со компанијата.

-Денешниот успех е успех и за стручниот тим од Дирекцијата за ТИРЗ, кои во исклучително кусо време успеаа да ги препознаат нашите клучни барања и потреби, што ја овозможи и оваа одлука денес. Продолжуваме да растеме заедно, истакна Шахин, генералниот менаџер на „Шахтерм“.

Компанијата ќе почне со реализација на инвестицијата во 2024 година и во следните 10 години е планирано отворање на над 1.000 нови работни места. „Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција. Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како “Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.

Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.   

Со постигнување на овој договор, од почетокот на годината во ТИРЗ обезбеден е вкупен обем на нови инвестиции од над 450 милиони евра, кои носат над 7.000 нови работни места.

23.11.2023 - 10:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега