Зеленски: Знаеме што планира непријателот и како да се справиме со тоа
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина „знае што планира непријателот и како да одговори на тоа“.
„Денеска добив извештаи од разузнавачките служби – началникот на Главната разузнавачка управа (ГУР) Кирил Буданов и шефот на Надворешната разузнавачка служба Александар Литвиненко. Им благодарам на двете наши структури и на сите што работат во нив, пред сè, за тоа што Украина знае и ќе знае што планира непријателот и како правилно и силно да одговори на тоа. И на копно и во Црното Море“, рече Зеленски во вечерашното видео обраќање.
Како што јави Укринформ, Службата за државна безбедност претходно објави дека Русија има акумулирано 870 проектили, од кои 115 ракети со висока прецизност се произведени во октомври.
Зеленски се заблагодари и на украинската армија, која, како што наведе, се бори во најтешките области на фронтот, за нивната издржливост.
„Авдиевка, Маринка, Бахмутскиот правец, Лиманскиот правец, Купјанск, Запорожје, Херсонската област … Тешко е во секој од овие правци. Но, им благодарам на сите што се упорни. Благодарност до сите што не губат сила и позиции. Им благодарам на сите команданти кои се грижат за војниците. На сите борбени лекари кои спасуваат животи“, нагласи тој.
Во текот на денот имало 50 борбени судири меѓу силите на Украина и руските војници, наведува украинската агенција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа