Британскиот премиер: Денешните 14-годишници никогаш нема да можат легално да купуваат цигари

 

Британскиот премиер Риши Сунак објави дека има намера да ја продолжи забраната за цигари за постепено да ја направи Велика Британија земја без тутун, како и предлог за бонуси на наставниците и ветување за идни даночни намалувања. „Предлагам во иднина да ја зголемуваме законската возраст за продажба на цигари за една година, секоја година“, рече лидерот на конзервативците за време на говорот на конгресот на неговата партија во Манчестер.

„Ова значи дека на денешното 14-годишно момче никогаш нема законски да му се продаваат цигари“, рече тој, мислејќи на идната „генерација без тутун“. Според предлогот претставен од Сунак, старосната граница за забрана ќе се зголемува за една година секоја година, што би значело дека младите ќе растат без тутун, што во целина би ја подобрило здравствената состојба на нацијата.

Во моментов, дозволената возраст за купување цигари во ОК е 18 години. Но, четворица од пет пушачи почнале да пушат пред да наполнат 20 години, рече Сунак. „Се обидуваме да ги спречиме тинејџерите да почнат да пушат. Ова би можело да овозможи речиси целосно да се елиминира пушењето кај младите уште во 2040 година“, се вели во соопштението на Даунинг стрит.

Употребата на тутун е водечка причина за смрт што може да се спречи во Велика Британија, се вели во соопштението. Предизвикува приближно една од четири смртни случаи од рак. Трошоците направени, особено за здравствениот систем, „се 17 милијарди фунти секоја година“, или речиси 20 милијарди евра.

Предложените мерки се слични на оние кои минатата година ги објави Нов Зеланд, која стана првата земја која забрани купување цигари на генерацијата родени по 1 јануари 2009 година. Забраната ќе стапи на сила во 2027 година. Сунак, исто така, наведе голем број планирани промени во образовниот систем, вклучувајќи бонус без данок до 30.000 фунти за привлекување наставници по клучните училишни предмети.

„Денес можам да објавам, за да привлечам и задржам повеќе наставници, дека оние кои предаваат клучни предмети во училиштата, и за прв пат во нашите колеџи, ќе добијат специјални бонуси до 30.000 фунти без данок за првите пет години од нивната работа“, рече тој.

Сунак, исто така, вети дека ќе ги намали даноците штом инфлацијата ќе биде под контрола, по зголемената загриженост меѓу членовите на Конзервативната партија за зголемување на даноците поради пандемијата „Ковид-19“.

Британскиот премиер најави и дека се откажува од продолжувањето на големиот инфраструктурен проект – линијата за брз воз што ќе го олесни пристапот до северот на земјата, но чии трошоци нагло се зголемија. „Го откажувам остатокот од проектот HS2“, рече лидерот на конзервативците. „Наместо тоа, ние ќе го реинвестираме секој денар, 36 милијарди фунти (41 милијарди евра) во стотици нови транспортни проекти“, вети тој.

04.10.2023 - 20:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега