Тренчевска: Никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто за околу година и половина
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во емисијата 24 Анализа на Телевизија 24, зборуваше на тема пензии и нивни раст согласно новата методологија.
Во однос на исплатата на пензиите согласно новата методологија и усогласувањето кое се прави два пати во годината во месеците март и септември министерката појасни дека процентот од 5.3 отсто е согласно податоците кое се добиваат од Државниот завод за статистика. Со ова усогласување минималната пензија денес изнесува 13.200 денари, а просечната над 20.000 денари.
„Оваа Влада носи системски решенија. Ако Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ наместо популистички мерки и стиропор инвестираше во методологија денес ќе зборевме за минимална пензија од 25.000 денари. Ние градиме систем кој гарантира постојан раст. Денес минималната пензија е 13.200 денари, ако пред година и половина минималната пензија беше 10.480 денари, денес е 13.200 денари. Во услови на криза, пандемија, економска криза и војна се грижиме за раст на пензии, плати и за стандардот на граѓаните. Никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто, за околу година и половина,“ истакна Тренчевска.
Министерката посочи дека многу е важно да се одржува пензискиот систем стабилен.
„Во 2022 година и 2023 година, креиравме сет мерки за пензионерите преку нив сите 336.000 пензионери добија 3000 денари , а оние со најниски пензии добија по 6000 и 4000 денари. Затоа велиме да не се оптеретува пензискиот систем и да не дојдеме во ситуација никој да не земе пензија и за најранливите пензионери ќе направиме пакет мерки за зимскиот период кога најмногу се потребни средства, а со здравство работиме на што повеќе лекови бидат ставени на позитивната листа на лекови,“ истакна Тренчевска.
Министерката посочи дека пензиите се економска категорија и колку се вложува заедно со должината на стажот се дефинира пензијата. Се друго е популистичка мерка. Притоа се осврна и на солидарниот систем кој го има државата и сите оние кои имаат остварено пензии пониски од минималната пензија, државата го финансира износот до законски утврдена минимална пензија.
„Пензиите секој први во месецот ќе бидат на сметките на пензионерите. Пензионерите да бидат спокојни, пензискиот систем е стабилен, а со соодветни социјални мерки ќе допреме до најранливите пензионери,“ порача Тренчевска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа