Последниот автобус со бегалци го напушти Нагорно-Карабах
Последниот автобус со ерменски бегалци ја напушти планинската енклава Нагорно-Карабах во Азербејџан, изјави денеска во Ереван портпаролката на ерменската влада. Назели Багдасарјан рече дека во Ерменија пристигнале 100.514 бегалци кои биле принудени да ги напуштат своите домови во енклавата. Другите пристигнаа со приватни автомобили, рече таа.
Багдасарјан рече дека многумина пристигнале со здравствени проблеми, а некои биле неподвижни. Оние Ерменци кои се уште се во енклавата треба да се пријават во Црвениот крст, објасни таа. Азербејџанската влада со денови инсистираше на тоа дека нема основа за бегство и дека жителите ќе бидат интегрирани според правилата на земјата.
Сепак, на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев се гледа како на авторитарен лидер, земјата нема новинарска слобода и е цел на критики за кршење на човековите права. Зборувајќи денеска во Баку, Алиев истакна дека Азербејџан се карактеризира со повеќе етнички заедници и религии. „Живееме како семејство“, ја пренесоа неговата изјава локалните медиуми. „Сега е време да се создаде слобода на Кавказ“, додаде тој.
Алиев претходно најави дека десетици илјади Азербејџанци ќе се преселат во Нагорно Карабах. Ерменија ја обвини владата во Баку за етничко чистење. Минатиот месец Азербејџан започна молскавична воена операција во Нагорно-Карабах, принудувајќи ја капитулацијата на самопрогласената Република Арцах, која не беше меѓународно признаена.
Ерменските водачи кои управуваа со областа рекоа дека таа ќе биде укината од почетокот на следната година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа