Ангеловска-Бежоска: Во Народната банка 71% од раководните позиции во институцијата се пополнети од жени
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на панел-дискусијата под наслов „Жени лидери“ којашто ја отвори претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ) во Љубљана, Словенија. „За економски развој не е доволен само економскиот раст. Поголемата вклученост на жените во работната сила може да придонесе за побрз и поинклузивен економски раст, којшто може да е повисок и до 30% во економиите во развој, имајќи го предвид вклучувањето дополнителна работна сила на пазарот на труд. Исто така, според истражувањата во оваа сфера, за тоа придонесуваат и посебните карактеристики и вештини со кои вообичаено располагаат жените како работнички, како повисоката одбивност кон ризик, прагматичноста, емпатијата и др.“ Ова се дел од пораките од учеството на гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска на собирот од високо ниво.
Во своето излагање, гувернерката посочи дека родовата нееднаквост сѐ уште претставува еден од клучните глобални предизвици, којшто по пандемијата стана уште поизразен. Притоа истакна: „ Во глобални рамки пандемијата доведе до укинување на 54 милиони работни места пополнети од жени, со што се намали стапката на учество на жените во работната сила на 47% и се зголеми јазот во однос на мажите, чија стапка на учество во работната сила е 70%. Во македонската економија учеството на жените во работната сила е околу 40%, додека оние жени кои се активни се помалку застапени на раководните позиции и се платени помалку од мажите за 20%.“ Гувернерката нагласи дека сепак постојат и добри примери во нашето општество, како Народната банка, каде што 71% од раководните позиции во институцијата се пополнети од жени.
„Заради побрза конвергенција кон ЕУ, и покрај тековните предизвици, потребно е да не се оддалечуваме од решавањето на структурните прашања, применувајќи реформи со кои ќе се подобри нашиот потенцијал за раст и коишто ќе нѐ приближат кон европското семејство“, посочи Ангеловска-Бежоска. За тоа ни е неопходна и поголема вклученост на жените во општеството којашто може да се постигне преку холистички пристап на креаторите на политиките.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа