Аросовска: Не се плашам од никого

 

Ниту една функција не е дадена од сега и засекогаш и доколку постојат некои работи коишто не задоволуваат при реализација на проектите мора да постои соодветна одговорност. Пред она што е јавен интерес не верувам дека треба да се застане во одбрана на која било јавна фунција, изјави денеска градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

– Што се однесува до нас ние ќе сториме се што е во наша моќ за да продолжиме да испорачуваме проекти во интерес на Градот. Дали ќе биде подобро, дали ќе трпи или ќе биде полошо, времето пред нас ќе каже. Мора да работиме во заштита на интерсот на граѓаните и, пред се, во заштита на средствата кои тие ги даваат за да се реализираат нивните проекти, рече Арсовска на новинарско прашање како ќе се одрази на функционирањето на градот промената на директорите на јавните претпријатија  што уследија по нејзиното тврдење за несовесно работење за тендерот за пречистителната станица во Скопје и оставката на директорот на „Водовод и канализација“ и меѓусебните обвинувања со ВМРО-ДПМНЕ.

Таа посочи дека смета оти станува збор за работи кои не треба да се премолчат и како што рече, одговорност ќе си понесе секој, а со резултатите коишто ќе бидат испорачани ќе се види дека всушност ништо не сме изгубиле.

-Довербата која што била дадена од страна на градот и од страна на граѓаните за да се чуваат тие буџети и за да се работи во интерес на граѓаните не смее да се изневери. И овие директори се вршители на должност кои доколку не испорачаат или, пак, доколку испорачуваат нешто спротивно на онаа доверба која што им била дадена од граѓаните не верувам дека треба да бидат заштитени, потенцира Арсовска, која денеска присуствуваше на стартот на активностите за реконструкција на улица „Перо Наков“.

Прашана зошто требало да се чека на ова што се случува со ВМРО-ДПМНЕ за да се знае дека именуваните директори не си ја вршеле работата како што треба, Арсовска вели дека не сака да навлегува во политички пресметки.

– Сметам дека ова е многу комплицирана ситуација и не би сакала да влегувам во политички пресметки. За мене единствен интерес е интересот на граѓаните и јас ќе продолжам да работам онака како што сум работела досега. Што се однесува до политичките чинители во државата дали тие и во која мера ќе одлучат да ги поддржат овие политики тоа оставам на нивната совест, на она што им е дадено како мандат од страна на граѓаните да ги поддржат проектите коишто граѓаните ги избрале на овие избори, вели таа подвлекувајќи дека треба да се реализираат проектите од нивен интерес и да се превенира секаква можност на саботажа и злоупотреба.

Арсовска ги отфрли обвинувањата во однос на билбордите со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека наводно таа ги нарачала.

–Немам ниту таква моќ, немам ниту средства, ниту правам такви нешта ниту имам зошто. Вие и самите знаете кои се луѓето коишто имаат моќ во градот и во државата, а во ниту еден случај не сум јас…Оставам на судот на граѓаните да оценат кој е во право кој не. Јас сум сама и немам проблем да застанам против сите кога се работи за јавен интерес и за заштита на она кое што го гледавме во изминатиот период. Се тоа си има соодветни постапки коишто на крај ќе докажат кој бил во право, вели градоначалничката.  

Таа вели дека нема контакт со кој било политички лидер, поранешен, сегашен надвор од професионалните обврски што ги извршува во моментов како градоначалник на Град Скопје, ниту има мислење за поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.  

За вработувањата во јавните претпријатија, потсети дека пред неколку месеци поврзано со случувањата со вработени лица во Комунална хигиена кои не оделе на своите работни места, а биле плаќани за истото побарала од сите јавни претпријатија да дадат извештај дали и во која мера ги почитуваат принципите за коишто Градот Скопје се залага, а резултатите вели ќе ги соопшти јавно и транспарентно и нема да дозволи штети по буџетот на градот.

-Она кое што го видовме во изминатите неколку денови дека се застанува на страната на одбрана на нешто што е неодбранливо, а тоа не се поставува прашањето како некој успеал за толку многу краток временски период без никакви критериуми и без никаков оглас да вработи над стотина лица во само едно од јавните претпријатија. Тоа сега е предмет на ревидирање и верувам дека самото тоа ќе докаже, ќе покаже кои биле целите за овие вработувања, кои биле потребите за истите и нормално верувам дека резултатите ќе ви ги презентираме јавно и транспарентно на некоја седница или прес-конференција, рече Арсовска.

Таа дополни дека откако е градоначалник во град Скопје формално правно нема ниту едно вработување, а преку Агенција за ангажирање има само пополнување на оние работни места за лица кои ќе заминат во пензија или, пак, се префрлени во други институции  или, пак, заминале поради лични или други причини.

– Градот Скопје го затекнав во состојба со над 700 вработени и не можам да имам точна и прецизна информација во секој момент за промените, меѓутоа од наша страна ќе ги добиете сите податоци, рече Арсовска во однос на вработувањата со договори.

Во однос на ЈП Водовод и канализација  и нејзините тврдења за несовесно постапување за тендерот за пречистителната станица од страна на тпагшниот директор Златко Перински, кој си поднесе оставка, рече дека постапката се одвива кај надлежните органи. – Треба да им дадеме доверба да си ја завршат својата работа најдобро што можат без никакво влијание врз нивните постапки, посочи Арсовска.

За другите оставки на директори од јавните претпијатија, нагласи дека се уште не се отпочнати процесите на ревизија, а со ревидирање на сето она што се одвивало таму ќе информираат соодветно за секоја од институциите.

-Искрено да ви кажам во изминатите месеци многу работи се случуваа. Знам дека се соочувам со една ако можам така да кажам машинерија и луѓе коишто сега во овој момент не им е мило затоа што се разобличува сето она кое што сакале да кажат дека некој друг можеби го правел во изминатиот период и затоа верувам дека барем што се однесува до мене јас не се плашам. А дали тие планираат нешто да преземат или не, тоа оставам на нив, рече Арсовска прашана дали се чувствува безбедно

20.09.2022 - 13:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега