Еве што се случува кога некој ќе му стапне на Трендо на нога

 

Извесно домашно биро за индустриска сопственост испратило допис до Трендо и неговиот Off.net.mk дека со превземање на статија од Bloomberg му ги прекршиле авторските права на медиумскиот магнат. 

Ви го пренесуваме одговорт на Трендо во целост, со надеж дека нема тој, од нас да побара отштета за интелектуалната сопственост :)

Пред некое време на офф.нет пренесуваме статија од Блумберг Бизнисвик, нешто за Сноуден. Нашата статија прописно опремена, со извор, со име и презиме на авторот (Ромеш Ратнесар) и соодветни линкови до оригиналот. За таа статија имавме и мала расправија со пар пријатели на Твитер. Тие сметаа дека напишаното од Ратнесар e булшит, го сметаа за латасовштина, за атак на личноста (на Сноуден) и сл. Ние го браневме неговото право да има свое видување на случајот и сл.

Но, тоа не е поентата.

По некое време ни стигнува меил од едно домашно биро за индустриска сопственост за да ни каже дека сме ја прекршиле интелектуалната сопственост на Блумберг. Хау кјут. Ни признаваат тие дека поштено сме навеле извори и линкови ама сепак сме го оштетиле Блумберг и дека таквата статија е повредувачка статија (го замислувате  Блумберг како во моментов крвари?). Небитно ама онака; Блумберг ЛП во 2012-та имал приходи од скоро 8 милијарди долари, а нејзиниот основач, Маjкл Блумберг, довчерашен градоначалник на Њујорк е проценет на 31 милијарда. Рековме, небитно.

Факат, ние немаме договор со Блумберг. Факат, сите што деновиве во Македонија пишуваа за тајфунот во Филипиини имаат свои дописници од лице место и немале причина да користат извори со кои немаат договор за пренесување. Нели?

Бирото бара веднаш да ја отстраниме "повредувачката статија" и башка, да им пратиме писмена потврда дека никогаш повеќе нема да користиме нешто од Блумберг. Она што ни беше јасно, го сторивме, она што не ни е јасно, им го пишавме и на меил:

------------------------------------

Почитувани,

Со голема доза на ведрина го прочитав вашето урнебесно сериозно писмо во кое нè известувате дека сме го оштетувале Блумберг. Велат, своевремено во Кабул, Авганистан, постоело биро за мониторирање на состојбите. Сред разните ужаси и ѕверства на талибанците, тоа биро редовно праќало загрижувачки  извештаи за тоа колку многу луѓе во тој град џвакаат мастика со отворена уста.

Иако сте ни нови но уште од сега пријатни соговорници, би сакал да ве замолам да ми ги разјасните дилемите кои ги отвора вашето барање да ви доставиме писмена потврда.

- писмена како хартиена, отпечатена на меморандум?
или
- писмена како контрапункт на неписмена?

Ако е се работи за првото, како сте сигурни дека ние сме економски расположени да трошиме тонер на тоа? Ако се работи за второто, го имате во аттачмент (атачментот подолу).

Сакам да ви најавам дека оваа преписка ќе биде објавена на офф.нет, бидејќи ми се чини медиумски занимлива и релевантна за јавниот интерес. Без разлика на забелешката за доверливост во вашето писмо бидејќи таа мене како уредник не ме обврзува никако. Кога ќе потпишеме NDA (non disclosure agreement), ќе можете да се повикувате на тоа.

Патем, сакам да ви соопштам дека 'спорната' содржина со задоволство е отстранета од нашите страници и дека не планираме во иднина ништо да имаме со Блумберг (како што гледате, ние не сакаме ни тонер веќе да трошиме на вас и вашиот клиент, камоли да посветуваме време и интелектуален напор да пренесуваме содржини од тој, до вчера драг извор).

Исто така сакам со вас да ја споделам информацијата до која дојдовме сосема случајно, дека спорната содржина, иако отстранета од нашиот веб простор, била достапна на неколку платформи за споделување фајлови. Така ни кажаа, ние само ви пренесуваме :) По некое време, планираме директно да го прашаме вашиот клиент до каде е нивниот македонски претставник со борбата за отстранување на оваа содржина од таквите платформи, за што сте добиле навремени информации од нас.

Во секој случај, ја поздравувам оваа ваша усилба да ни пишете и да не потсетите дека е крајно време да се прилагодиме на современите текови. Кога сме веќе кај нив, сосема пријателски сакам да ви укажам дека е многу несериозно компанија како вашата да нема никаков веб сајт.

Ви посакуваме да ја делиме истата ведрина околу овој случај и да имате убав ден,
Трендо

 

Атачментот:

18.11.2013 - 22:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега