Филмовите на Манчевски стигнаа до Калифорнија

 

Филмовите на Милчо Манчевски беа прикажани на Меѓународниот Филмски Фестивал во склоп на Меѓународната Недела на Образование на Универзитетот на Калифорнија, Сан Диего. ,,Прашина‘‘ беше прикажан на 13 ноември, додека ,,Мајки‘‘ следуваше на 14 ноември.

,,Прашина‘‘, вториот долгометражен филм на Манчевски, го отвори Венецискиот Филмски Фестивал со гала премиера во 2001 година. Истата година тој беше и најгледан филм во Македонија.

Голем број на трудови и есеи се издадени за ,,Прашина‘‘.  Во 2004 година се организираше конференција за филмот од страна на Универзитетот во Лајпциг, на која учествуваа повеќе автори од различни дисциплини со трудови кои се однесуваат за филмот.

,,Прашина‘‘ е британска – германска – италијанска– македонска ко-продукција. Филмот е снимен во Њујорк, Македонија и Германија. Продуценти на филмот се Крис Оти и Доменико Прокачи, кинематографер Бери Екројд, а композитор Кирил Џајковски. Главните улоги ги толкуваат Џозеф Фајнс,  Дејвид Венам, Розмари Мурфи, Ен Броше, Адриан Лестер, Владо Јовновски, Николина Кујача и Салаетин Билал. ,,Прашина‘‘ се одвива во две времиња и места. Филмот истовремено ја следи приказната на една стара жена во Њујорк и двајца каубојци во Македонија.

,,Мајки‘‘ ја доживеа својата премиера на Меѓународниот Филмски Фестивал во Торонто во 2010 година, а европската во Берлин. Филмот беше прикажан на 40 фестивали, на 5 различни континенти. ,,Мајки‘‘ освои 7 меѓународни награди, а исто така беше вбројан меѓу најдобрите 40 европски филмови од страна на Европската Филмска Академија. Покрај тоа што ,,Мајки‘‘ беше најгледан филм во Македонија на годината, тој беше и македонскиот претставник за Оскар во 2010 година. Филмот се состои од три приказни и користи иновативна филмска структура во разгледување на прашањето за природата на вистината.

 ,,Мајки‘‘ претставува ко-продукција на Македонија, Франција и Бугарија. Во главните улоги настапуваат Ана Стојановска, Димитар Ѓоргиевски, Владимир Јачев, Ратка Радмановиќ, Диме Илиев, Марина Поп Панкова и други. Продуцент е Кристина Калас, кинематографер Владимир Самоиловски, монтажер Жаклина Стојчевска, а композитор Игор Василев Новоградска.

 

18.11.2013 - 08:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега