Македонските фудбалери со убедлив триумф се враќаат од Лихтенштајн

 

Македонската фудбалска репрезентација ја прекина серијата од три последователни нерешени натпревари во квалификациите за пласман на Светското првенство идната година во Катар и со победа од 4:0 (1:0) вечерва над Лихтенштајн во Вадуц изби на второто место во групата Ј.

Првото полувреме мина во целосна доминација на македонскиот состав и откако Милан Ристевски и Елиф Елмас за малку биеја непрецизно, Дарко Чурлинов ја погоди пречката, а голот на Александар Трајковски беше поништен поради офсајд, водството дојде во 39 минута преку Дарко Велкоски.

Теренската иницијатива на Македонците продолжи во вториот дел и донесе на крајот убедлив триумф со головите на Езѓан Алиоски од пенал (66 мин), Бобан Николов (74) и Чурлинов (83) за прва победа под водство на новиот селектор Благоја Милевски.

Во преостанатите два натпревари вечерва во групата Ј, Германија со пресврт ја совлада Романија на домашен терен со 2:1, додека Исланд и Ерменија одиграа нерешено 1:1.

По седум одиграни натпревари, македонската репрезентација е второпласирана со 12 бодови, идентично колку и третопласираната Ерменија, а шест помалку од лидерот Германија, која гостува понеделник во Скопје. 

08.10.2021 - 23:42
Фото: 
ФФМ

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега