Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон денеска ќе го крштеваат синот

 

Британскиот принц Џорџ, тримесечниот син на војводата и војводката од Кембриџ, принцот Вилијам и Кетрин „Кејт“ Мидлтон, ќе биде крстен денеска на приватна свеченост во Лондон.

Крштевката ќе ја изврши надбискупот на Англиканската црква Џастин Вилби. На денешната свеченост ќе присуствуваат и кралицата Елизабета, прабаба на малиот Џорџ, нејзиниот сопруг, принцот Филип, како и најблиските роднини од кралското семејство и од семејството Мидлтон.

Церемонијата ќе се оджри во малата Кралска Капела во палата Сент Џејмс, која се наоѓа во центарот на британскиот главен град, во близина на Бакингамската Палата, службената резиденција на кралицата. Малата кралска опатија е позната по тоа што во неа беше поставен ковчегот со мртвото тело на принцезата Дијана, мајката на Вилијам, пред да биде извршен погребот.

Сите досегашни крштевки на децата на кралицата, како и на принцот Вилијам се извршени во т.н. музичка соба на Бакингамската Палата и во присуство на семејството и на гости од кралските куќи од Европа.

Според кралските стандарди, Кралската Капела е премногу малечка и интимна за крштевање на еден иден потенцијален крал, но Вилијам и неговата сопруга се определија за неа, инсистирајќи крштевката на нивниот син да биде приватна, семејна и интимна свеченост.

За разлика од досегашната пракса, на оваа крштевка нема да има еден кум, туку седуммина. Прва именувана е Зара Филипс-Тиндел, прва братучетка на принцот Вилијам и ќерка на прицезата Ен, сестра на престолонаследникот Чарлс. Другите шестмина кумови се блиски пријатели на Вилијам и Кејт, а меѓу ние е и нивниот поранешњн приватен секретар.

 

23.10.2013 - 11:34

најчитано сега