Јордан Димитровски: Успехот е резултат на амбиција, правилно поставени цели и желба за нови знаења

 

AITONIX е целосно македонска компанија, која за 18 години од мала фирма се претвори во лидер на IT пазарот и веќе 3 години е дел од 200 најуспешни компании во Македонија. Претходно, компанијата го носеше името TDK Computers, а во март 2018-та се ребрендираше и го претстави своето ново име, изглед и цели. На почетокот на месец септември ја објави и промената во правната структура на компанијата – од ДООЕЛ во АД. За сите промени во компанијата и за нивните идни цели разговараме со генералниот директор и основач на компанијата – г-дин Јордан Димитровски. 

Press24: Г-дине Димитровски, на самиот почеток, би Ве замолиле да ни раскажете малку повеќе за историјата на компанијата и нејзиното создавање.

Димитровски: Компанијата е основана во 2000-та година со името “TDK Computers” и основна дејност продажба на компјутери и компјутерска опрема. Тоа беше времето кога компјутерите стануваа популарни и масовно навлегуваа во секојдневието. На почетокот, започнав сам и вршев сѐ – од набавка и достава, па се до инсталација, додека сегашните брендови не беа познати на пазарот. Но, со текот на годините се зголемуваше интересот и потребата од IT уреди и технологии, а со тоа растеше и нашата компанија. Денес, веќе не сме дистрибутер на компјутери, туку компанија која нуди комплетни IT решенија – од продажба, инсталација и сервисирање на хардвер, до изработување на индивидуални софтверски решенија.  

Press24: Како се јави идејата за ребрендирање на компанијата и зошто се одлучивте на таква сериозна промена?

Димитровски: Од персонална гледна точка тоа решение не беше лесно – TDK Computers беше синоним за квалитет, име кое е градено со години и докажано во IT сферата. Од друга страна, бевме свесни за тоа дека компанијата веќе одамна е порасната и развиена до степен во кој името тотално не одговара на нашата дејност и големина, а најмногу – не одговара на нашите цели. Процесот на подготовка на ребрендирањето се одвиваше во период од 1 година во кој се одбра најсоодветно име и визуелен идентитет на компанијата.

Press24: Што всушност значи AITONIX, зошто го одбравте токму тоа име?

Димитровски: Повеќето компании при своето создавање прво бираат име и потоа го градат својот идентитет околу тоа име. Кај нас беше обратно – ние веќе имавме изграден идентитет и едноставно требаше да го „облечеме“ на соодветен начин и сметаме дека токму AITONIX одговараше максимално на тоа што сме. AITONIX значи IT сила и професионализам и содржи во себе доза моќ и категоричност. За наша среќа, новото име и изглед на компанијата се прифатија многу брзо од сите наши партнери и клиенти, а можам да кажам и дека има многу поголем интерес кон нашата компанија, особено на странските пазари на кои работиме – Косово, Албанија и Бугарија. 

Press24: Освен промената со ребрендирањето во AITONIX, неодамна извршивте уште една голема промена во Вашата компанија, промена на правната форма од друштво со ограничена одговорност во акционерско друштво. Како се јави идејата за ваква преобразба на компанијата?

Димитровски: Идејата опстојуваше кај мене еден подолг временски период. Период во кој што направив голем број на консултации, истражувања, следев меѓународни искуства, ги анализирав правните и финансиските ефекти од овој процес. Сметав дека во сегашната фаза на развој на компанијата формата ДООЕЛ се чини дека е „претесна“ за нашите реални капацитети. Така, кратко по објавувањето на ребрендирањето на компанијата, како единствен содружник и управител на AITONIX, ја донесов конечната одлука за преобразба од ДООЕЛ во АД.  

Press24: Кои се другите предности кои ги очекувате по направената преобразба на компанијата?

Димитровски: Можностите за експанзија на нашиот бизнис и идниот раст на AITONIX сметаме дека ќе бидат неспоредливо поголеми по ваквата трансформација. Основната предност од преобразбата во АД е можноста за полесен пристап до капитал, а со тоа и поголем раст и реализација на нашите идни цели. Акционерското друштво е потранспарентна и законски поуредена форма на трговско друштво во споредба со друштвото со ограничена одговорност, што ќе придонесе за поголема доверба кај нашите бизнис партнери, како и поголем интерес за вложување во нашата компанија од потенцијалните инвеститори. Акционерското друштво од аспект на правна форма претпоставува стабилност во работењето, бидејќи на неговото постоење и континуитет во работењето не влијаат фактори кои се од субјективна природа врзани за сопствениците и менаџментот. Ваквата преобразба ја гледаме и како чекор кон прераснување во препознатлив бренд на меѓународните ICT пазари. 

Press24: Со преминувањето од ДООЕЛ во АД, Ви се наметна потреба за воспоставување и на нов систем на управување со компанијата. Каква е новата организација на менаџментот?

Димитровски: Во досегашното работење како ДООЕЛ, јас бев единствен управител на AITONIX. После преобразбата во АД се одлучивме да го имплементираме едностепениот систем на управување, при што конституиравме Одбор на директори составен од три члена, еден извршен и двајца неизвршни членови. Функцијата на главен извршен директор (CЕО) ја обавувам јас. За неизвршен член на Одборот е избран г-дин Кирил Смилевски, кој има долгогодишно искуство и знаење од областа на продажбите и менаџментот во IT индустријата, додека за независен неизвршен член и воедно претседател на Одборот на директори е избран д-р Марко Андонов - универзитетски професор и експерт од областа на корпоративното право и правото на хартии од вредност.  

Press24: Дали веќе почна тргувањето со акциите на AITONIX и на кој начин може заинтересираните инвеститори да купат акции од компанијата?

Димитровски: Со големо задоволство може да констатирам дека првите трансакции се веќе реализирани на берзата. Инаку, обичните акции на AITONIX се примени за тргување на Редовниот пазар на Македонската берза на хартии од вредност, на потсегментот Слободен пазар, со ISIN MKAITO101011. Акциите се распоредени во режимот на Аукциско тргување – Прва група. Шифрата за тргување е AITO. Секој кој што е заинтересиран, може да се обрати во некоја од брокерските куќи или банките кои што имаат дирекции за работа со хартии од вредност и на тој начин да се стекне со акции од AITONIX. На нашиот сајт www.aitonix.mk сите заинтересирани инвеститори можат да најдат проспект, кој детално ќе ги запознае со перформансите на компанијата.

Press24: Кои се идните цели и планови на AITONIX?

Димитровски: 

Во следните пет години планираме одржување на стабилен раст на вредноста на компанијата со стапка од 4% годишно, во рамките на својата основна дејност, со постојниот кадровски капацитет, без дополнителни задолжувања во комерцијалните банки и преку ефикасно управување со наплатата на побарувањата, во согласност со кредитната политика на компанијата. Воедно, ќе го продолжиме проширувањето на компанијата надвор од границите на Македонија. Целите кои си ги поставуваме се секогаш високи, но нашиот досегашен успех е резултат на нашата амбициозност, стручност и правилно поставени цели, затоа верувам во нивното успешно достигнување.

 

 

 

21.09.2018 - 11:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа