Хрватска и Франција денеска во борба за тронот
Репрезентациите на Хрватска и на Франција денеска во Москва ќе играат во финалето на Светското фудбалско првенство.
Франција во мечот влегува како фаворит, и поради позвучните имиња, и поради поодморените фудбалери, за разлика од хрватските кои до финалето одиграа три натпревари на продолженија.
Сепак, „коцкестите“ најавија реванш за поразот од „триколорите“ на СП 1998 кога Франција беше домаќин и победи во меѓусебниот дуел во полуфиналето, а подоцно стана и шампион.
- Не ме интересира статистиката и не ми е грижа со кого играме. Стигнавме до финале и ќе дадеме се од себе. Целиот свет ја гледа Хрватска и мнозинството навива за нас. Одиме да одиграме „фајтерски“, изјави селекторот Златко Далиќ.
Од друга страна, Франција ја „брка“ втората титула светски првак.
- Пред две години во финалето на ЕП загубивме од Португалија, но тогаш имавме поинаков пристап. Финалето на Мундијалот е единствено искуство и екипите имаат различен пристап. Три збора се доволни - позитивност, концентрација и самодоверба, изјави францускиот селектор Дидие Дешан.
Натпреварот кој ќе го даде новиот светски шампион ќе се игра на „Лужники“ во Москва со почеток во 17 часот по македонско време.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа