Ненад Марковиќ: Ако пропаднат преговорите штетата ќе биде за Македонија

 

Универзитетскиот професор, Ненад Марковиќ во интервју за Прес24, вели дека од оваа перспектива личи дека грчкиот премиер Алексис Ципрас е тој кој не може да испорача решение и да мобилизира доволно политичка волја за решение на спорот за името.

-Мислам дека дури и не е прашање на одговорност, туку прашање на штета. Ако пропаднат преговорите, само македонската страна ќе сноси штета. Грција може да има репутациона штета, која реално, брзо се заборава, вели Ненад Марковиќ во интервју за Прес24.

Тој смета дека предлогот Илинденска Македонија беше многу нечесна игра на грчката страна, од тешко дека Македонија може да се повлече од прифатените позиции на Ерга Омнес и уставни измени.

-Всушност преку овој предлог, ни се „протна“ и ерга омнес решението, кое, ако се верува на релевантни експерти од областа на меѓународното право, различно сме го толкувале сиве овие години (мислам на нашата и грчката страна). Сепак, доколку целите преговори пропаднат, мислам дека нема да биде толку тешко да се повлечеме од се што беше договорено. Ова секако во услови на комплетен крах на преговорите, смета професорот Марковиќ.

Според него Премиерот Заев е свесен дека е единствениот политичар кој на штета на својот политички рејтинг влезе во процесот на решавање на ова прашање, кое пак во зависност од исходот може да ја трасира и неговата политичка кариера.

-Од оваа дистанца гледаме колку не чини како држава немањето политичка волја на политичари од минатото, да го решат прашањето на штета на сопствениот рејтинг. Политичарите секогаш ја одбираат побезбедната и покомотната варијанта за нив. Заев е прв кој со свесен ризик влегува во решение. И тој тоа го знае. Но доколку успее во напорите, тогаш има перспектива за долга политичка кариера. Инаку сосема се согласувам дека прашањето на името одзема премногу политичка енергија кај сите чинители, што едноставно може да доведе до занемарување на важни општествени сфери, вели Ненад Марковиќ, универзитетски професор во интервјуто за Прес24.

 

ПРЕС24: Македонија и Грција се во најинтензивната фаза на разговори, нешто слично можеби на 2008 година пред самитот на НАТО, но овој пат веројатно најблиску до решение, ако се суди спореди изјавите на вклучените во процесот. Дали овие два месеца, јуни и јули ќе бидат пресвртница за иднината на Македонија? Пресвртница во смисла на брз процес кон евроатлански интеграции или бетонирање на подолг рок на оваа меѓународна позиција на Македонија?

МАРКОВИЌ: Па и да и не. Мислам дека самиот процес на преговарање, од денот кога започна, е оптеретен со некакви рокови, кои освен што создаваат притисок, не служат за ништо особено корисно. Во таа смисла, и овој последен напор, е прикажан повеќе низ призмата на некаков „цајтнот“ и временска рамка која притиска. Сметам дека ова може многу да го намали квалитетот на решението, со кое, по мене, не треба да се брза. А особено не треба да брза македонската страна, затоа што така се отвара кон наметнување на дополнителни услови кои би можеле да дојдат од грчка страна. Процесот на влегување во НАТО е една приказна, и таа може да се заврши на кој било следен состанок на Алијансата. Влегувањето во ЕУ е втора приказна, која не може да се заврши ниту брзо, ниту пак зависи само од името. Во обата случаја, потреба од брзање нема. И покрај ова, не можеме да игнорираме дека ова лето ќе биде пресудно во смисла на постигнување на решение.

ПРЕС24:  Ако пропадне процесот на преговори за името, кој ќе ја понесе одговорноста, македонската или грчката страна?

МАРКОВИЌ: Ова многу зависи од тоа како ќе се одвиваат преговорите. Од оваа перспектива личи дека премиерот Ципрас е тој кој не може да испорача решение и да мобилизира доволно политичка волја за решение. Мислам дека дури и не е прашање на одговорност, туку прашање на штета. Ако пропаднат преговорите, само македонската страна ќе сноси штета. Грција може да има репутациона штета, која реално, брзо се заборава.

ПРЕС24:  Претседателот Иванов вели дека преговорите наликуваат на лични желби на Ципрас и Заев. Дали ваквото сведување на разговорите на ова премиерско ниво е добра дипломатска стратегија?

МАРКОВИЌ: Постои огромна поларизираност и антагонизираност на политичките партии и општото расположение во обете држави. Во Грција можеби и повеќе отколку во Македонија. Во таа смисла, сметам дека премногу широк форум и формат за преговарање, може да доведе до дополнителни компликации и потполн неуспех. Сепак, ризикот на вклучување на премалку актери од друга страна лежи во тоа процесот да стане недоволно транспарентен и инклузивен. Ова важи за обете страни, и грчката и македонската. А тоа, консеквентно, раѓа неможност потоа опозициите во двете држави да покажат добра волја за вклучување во конечното решение. На некој начин, овој тесен формат е размена на ефикасност за инклузивност.

ПРЕС24:  Со предлогот Република Илинденска Македонија, барем според Грција беше отворено и прашањето за согласност на Македонија за Ерга Омнес и уставни измени. Ако тоа еднаш е прифатено, можно ли е Македонија во понатамошниот процес да опстои на други позиции?

МАРКОВИЌ: Враќањето од веќе прифатени позиции е секогаш тешко. И во таа смисла, предлогот Илинденска Македонија беше многу нечесна игра на грчката страна. Всушност преку овој предлог, ни се „протна“ и ерга омнес решението, кое, ако се верува на релевантни експерти од областа на меѓународното право, различно сме го толкувале сиве овие години (мислам на нашата и грчката страна). Сепак, доколку целите преговори пропаднат, мислам дека нема да биде толку тешко да се повлечеме од се што беше договорено. Ова секако во услови на комплетен крах на преговорите. Премиерот Заев уште на почетокот најави дека процесот е реверзибилен. И со аеродромот и со автопатот. Веројатно и со ерга омнес решението. Но да не се лажеме, во преговорите, повлекувањето до договорени позиции, се толкува како нешто што излегува од утврденото правило на bona fides (добра волја). Секогаш е ризичен потег. Но не и невозможен.  

ПРЕС24:  Што е она што сметате дека во никој случај нема да помине на референдум во Македонија?

МАРКОВИЌ: Секое решение ќе помине тешко. Сепак некои пакети имаат повеќе шанси од другите. Но ако треба да погодувам, мислам дека пакет од променето име во која било форма, јазик пред кој не би стоело македонски и непреведено име на државата и јазикот на англиски, е најневозможната комбинација за позитивен исход на референдумот.

ПРЕС24:  Актуелната власт оваа година од мандатот го посвети токму на надворешната политика. Затоа и очекувањата се големи од овој влог. Дали прашањето за името, и преголемиот ангажман на Заев во него може да биде и крај на неговата политичка кариера, без разлика дали тој исход ќе биде позитивен или негативен?

МАРКОВИЌ: Мислам дека премиерот Заев е многу свесен дека обидот да се реши името ќе го чини политички рејтинг. Вакви сензитивни прашања не можат да се решат без штета по политичкиот рејтинг. Од оваа дистанца гледаме колку не чини како држава немањето политичка волја на политичари од минатото, да го решат прашањето на штета на сопствениот рејтинг. Политичарите секогаш ја одбираат побезбедната и покомотната варијанта за нив. Заев е прв кој со свесен ризик влегува во решение. И тој тоа го знае. Но доколку успее во напорите, тогаш има перспектива за долга политичка кариера. Инаку сосема се согласувам дека прашањето на името одзема премногу политичка енергија кај сите чинители, што едноставно може да доведе до занемарување на важни општествени сфери (тука пред се мислам на економијата и реформите во правосудството). 

ПРЕС24:  Како ја оценувате првата година од мандатот на оваа влада?

МАРКОВИЌ: Ја оценувам како многу динамична и интензивна. Ако треба да истакнам добри и лоши нешта, тие би биле следните. Сметам дека реформата во образованието е апсолутно најсилната страна на оваа Влада, особено онаа во високото образование. Таа кулминираше со Законот за високо образование, кој е подобар од се што се донело до сега во оваа сфера. Позитивно е што Владата се зафати со решавање на спорот за името со ваков интензитет, дури и по цена на сопствените политички кариери. Ова покажува посветеност и несебичност.

Ако треба да истакнам две негативни работи тоа се неуспешната реформа во правосудството и прогресивните даноци. Првата очигледно дека ќе се решава со прераспределување на ресорите. Токму затоа Заев го постави еден од своите најкомпетентни министри, Рената Дескоска, да го „среди“ овој ресор по примерот на ресорот образование. Дескоска е, за мене, еден од два или три најуспешни министри на оваа Влада, ако не и најуспешен, и жена која сериозно се наметнува со својата компетенција, а една е од ретките владини политичари за кои постои високо мислење и кај опозиционите политичари и интелектуалци.

Од друга страна, а согласно моите лични идеолошки позиции кои се либерални,  не ми се допаѓа политиката на прогресивни даноци. Нивниот резултат ќе биде повторно удирање по џебот на средната класа, која и онака е кревка и недоволно голема. Комбинирано со враќањето на маса на мерката за регистрирање на физички лица како ДДВ обврзници, може да доведе до комплетно дестимулирање на економијата во овој сегмент. На ова налегнува секако и скорешниот податок дека во првиот квартал од 2018 година имаме економски раст од само 0,1%, што е секако разочарувачки. Да се надеваме дека е само привремен тренд.   

ПРЕС24:  Најголемите забелешки на домашен план се дека превидениот пакет реформи, особено во судската сфера, воопшто не функционира. На што се должи тоа?

МАРКОВИЌ: Со оглед дека не сум голем експерт за ова прашање, навистина не би можел информирано да коментирам. Но поставување на Дескоска на чело на ресорот правда доволно говори дека ситуацијата е алармантна. Излегувањето на респектабилни имиња од работните групи кои требаа да ја постават реформата на здрави нозе, исто така не говори ништо добро во овој правец.

ПРЕС24:  Можно ли е решение на името без ВМРО ДПМНЕ?

МАРКОВИЌ: Не знам дали е можно, но по мене не би било во ред. И оваа смисла, апелирам и до ВМРО-ДПМНЕ и до Владата за разум и поголема соработка. Убаво би било кога би имале национален консензус по прашањето на името, но мислам дека Законот за јазици беше иницијалната каписла која ги осуети напорите ВМРО-ДПМНЕ да придонесе во поголема мера кон напорите за ваков консензус. Сепак, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ е доволно сериозна и силна партија, да покаже свест за овој критичен момент, и секако и понатаму да игра конструктивна улога во процесот, секако конструктивно критикувајќи во сите други сфери. Мислам дека владината коалиција (под очигледен притисок на ДУИ) избрза со Законот за јазиците, непочитувајќи ја собраниската процедура. Доколку прво се решеше спорот за името, и се поработеше на подобрен текст на Законот за јазиците, мислам дека и тој закон ќе се донесеше со национален консензус, вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ. Вака останува повторно некаква атмосфера на неконструктивност и недоверба, со непотпишан Закон за јазици од страна на претседателот Иванов, притоа донесен во процедура полна со пропусти. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ не смее да си дозволи позиција од која само ќе опструира, притоа не вклучувајќи се и бојкотирајќи политички решенија во крајно критичен момент за државата. Водењето на „НЕ“ политика, не е нешто што и приличи на некогаш најмоќната партија на македонската политичка сцена.

ПРЕС24:  Опозицијата го организираше првиот антивладин митинг, дали масовноста значи и легитимитет на Христијан Мицковски како лидер на партијата?

МАРКОВИЌ: Тоа зависи од тоа како ја оценувате масовноста. Знаеме дека во ситуации на митинзи од овој тип секогаш се лицитира со бројките. Додека едните преувеличуваат, другите минимизираат. Искрено, за мене овие лицитации се крајно дегутантни. Ако ме прашувате за Мицкоски, немам дилеми дека во рамките на партиското тело се наметна како лидер на партијата. Но не заборавајте дека следниот чекор е враќањето на неопределените гласачи на свое конто, што е директно врзано со дистанцирање од политиките на Груевски. И тоа е помалку неблагодарна ситуација. Додека во партијата треба да прикажете континуитет,  на неопределените треба да им пратите порака на дисконтинуитет. Ова не е лесно. За мене лично, најважен аспект е дистанцирањето од настаните на 27 април 2017 и престанок на водење на „НЕ“ политика.

ПРЕС24:  Реално ли е да се очекуваат првите предвремени избори веќе следната година заедно со претседателските?

МАРКОВИЌ: Ова зависи од развојот на настаните околу спорот со името, но и од други интервентни фактори кои би можеле да се појават. Ако се реши спорот и Македонија добие покана за НАТО, за очекување е дека Заев ќе сака да капитализира на ова. Доколку не, опозицијата е таа која ќе притиска за предвремени избори. Како и да е, ова не е невозможно сценарио.

 

 

 

 

 

10.06.2018 - 13:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа