Вардар против Висла за директен пласман во четвртфиналето на ЛШ
Европскиот шампион Вардар денска од 17 часот во СЦ „Јане Сандански“ го игра последниот натпревар од групната фаза во А групата во ракометната Лига на шампионите против Висла Плок.
За сигурен и директен пласман во четвртфиналето на „црвено-црните“ им треба најмалку реми против полскиот тим за да ги прескокне натпреварите од осмина-финалето и по петти пат да се најде во најдобрите осум екипи во Европа. На првиот меч сезонава во ЛШ, Вардар победи во Полска со 26:22.
Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес во петокот на прес-конференција изјави дека чуствуваат мал притисок во пресрет на дуелот со Висла, но дека има доверба во своите играчи и дека заедно со поддршката на фановите ќе стигнат до посакуваната победа.
- Ако завршиме на првото место тоа ќе биде уште еднаш голем успех за Вардар. Нашата одбрана е добра, но не е на нивото како што беше во декември. Ќе мораме да продолжиме да работиме силно и да ја креваме формата, изјави Раул.
Капитенот на тимот, Стојанче Стоилов призна за падот на формата на „црвено-црните“ и дека тимот не е на познатото ниво, но додаде дека формата ќе се подобрува како ќе изминува времето.
- Играме за прво место и ние мораме да бидеме мотивирани. Сè е во наши раце и се надевам дека ќе завршиме како што треба. Подобро сега да има пад на формата отколку подоцна. На ЕП имаше голем дел од играчите на Вардар, а потоа имавме и три патувања. Уште не сме во потребниот ритам и не сме на она ниво на кое знаеме да бидеме. Ни треба време и да бидеме заедно и да тренираме и мислам дека формата ќе оди само нагоре, изјави капитенот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа