Хамбарџумјан: Долго ќе го паметам мојот 100-ти меч во дресот на Вардар
Ховханес Хамбарџумјан е уште еден фудбалер на Вардар, кој што влезе во одбраното друштво во „клубот 100“. Тој против Академија Пандев го одигра својот јубилеен стоти официјален натпревар во дресот на „црвено-црните“.
Јубилејот Ерменецот кој е дел од Вардар од летото 2014 година го прослави со два ефектни гола на вчерашниот меч против Академија Пандев кој вардарци го добија со 3-1.
– Се чувствувам одлично. Секој фудбалер посакува еден ваков јубилеј, а мојот 100-ти натпревар ќе го паметам уште долго. Затоа што постигнав два убави гола. Мислам дека тоа е заслуга на целиот тим, а уште поважно е тоа што успеавме да победиме во тој натпревар и да освоиме три бода. Навистина ми е драго што на крајот се излезе како што треба за мене и за екипата, изјави Хамбарџумјан
Покрај јубилејот Ерменецот, долго ќе ги памети и својот деби меч против Пелистер, како и дуелите против Фенербахче изминатово лето по кои црвено-црните забележаа историски пласман во групната фаза во Лига Европа.
– Од другите натпревари, во првенството ќе ми остане во сеќавање првиот натпревар и моето деби во дресот на Вардар против Пелистер. Секогаш некако првите натпревари се паметат, веројатно кај секој играч е тоа така. А, од меѓународните натпревари, дефинитивно мечот со Фенербахче кога обезбедивме пласман во групната фаза од Лигата на Европа. Прво тој домашниот меч после кој се стекнавме со добра предност, и потоа реваншот во Истанбул. Бевме малку резервирани после случувањата на мечот со Копенхаген, но верувавме во себе. Таква шанса не смееше да се испушти, и ние успеавме да ја искористиме и на клубот да му донесеме историски успех, дополни Хамбарџумјан.
Во 100-те одиграни средби во дресот ма Вардар, 27-годишниот Хамбарџумјан има постигнато вкупно 13 голови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа