Во Ниш врие од комарци заразени со западнонилска треска

 

Со вирусот на западнонилска треска се заразени и комарците во Ниш, покажуваат резултатите од најновото истражување на белградскиот Завод за биоциди и медицинска екологија, кое започна во мај на територијата на Србија.

Присуството на вирусот во Ниш е откриено кај половина од земените примероци на овие инсекти. Директорот на нишката Клиника за инфективни болести Жарко Ранковиќ изјави дека испратил допис до градската Управа за заштита на животната средина итно да се изврши прскање против комарци, прво на петте спорни локации, а потоа и на останатата територија од градот.

Биологот Иван Алексиќ од Заводот за биоциди објасни дека наодите на нишката Тврдина и во паркот Чаир се проблематични, а комплетните резултати ќе бидат познати по повторното тестирање.

- Работевме на десетина локации, имајќи предвид дека претходно во Ниш не биле пронајдени заразени комарци, објаснува Алексиќ.

Според податоците на Институтот за јавно здравство на Србија, досега официјално се регистрирани 105 случаи на заболени од Западнонилска треска, од кои 75 се од Белград, а останатите се главно од Војводина. 

29.08.2013 - 09:34

најчитано сега