Нова кампања на РСБСП и РК Вардар „Добредојдовте во земјата на шампионите – Вози Одговорно“

 

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и европскиот ракометен првак „Вардар“, преку заедничка соработка, во наредниот период ќе ја реализираат кампањата „Добредојдовте во земјата на шампионите – Вози одговорно“!

Кампањата ќе промовира внимателно и одговорно учество во сообраќајот, ќе едуцира за важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи. Со оваа кампања, ракометниот клуб Вардар, како општествено одговорен бренд ќе даде придонес за подигнување на сообраќајната култура кај сите учесници во сообраќајот.

Кампањата „Добредојдовте во земјата на шампионите – #Вози одговорно“ со јавноста ќе комуницира и преку слоганите:

„Шампионите возат одговорно“,

„Црвен картон за некултурата во сообраќајот“,

„Биди тимски играч – дај им предност на пешаците“

„Тајм аут – закочи пред да биде предоцна“.

Кампањата која ќе биде присутна во печатените, електронските и социјалните медиуми, ќе биде промовирана и во спортските центри во кои настапуваат нашите европски шампиони.

Предвидено е на граничните премини за влез во Македонија да бидат поставени едукативни постери на англиски јазик, наменети за информирање и едуцирање на странските возачи кои влегуваат во Република Македонија.

-Особено значаен е придонесот што РК Вардар го дава во реализацијата на оваа кампања.  Шампионите играат одговорно на терен и постигнуваат резултати, но за да постигнеме добри резултати во сообраќајот, мора да возиме одговорно и да се однесуваме шампионски во него, вели Стојче Стаменковски, претседател на РСБСП.

-За нас преставува привилегија и задоволство што имаме можност да дадеме придонес за подигнување на сообраќајната свест и култура. Јас, сите ракометари на Вардар и сите вработени во клубот сме дел до сообраќајот и од тие причини со задоволство прифативме да  дадеме поддршка на оваа кампања и ќе ја поддржиме во целост, истакна Давор Стојаноски, директор на ракометниот клуб Вардар.

РСБСП и РК Вардар апелираат до сите учесници во сообраќајот да возат безбедно и одговорно, да се однесуваат тимски на патиштата и да бидат шампиони со своето позитивно и одговорно однесување во сообраќајот.

Кампањата ќе се реализира во две фази. Првата фаза започнува денес и ќе трае шест месеци.

 

 

 

 

20.10.2017 - 10:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега