Гордана Јанкулоска: Додека е ВМРО-ДПМНЕ на власт бракот ќе биде меѓу маж и жена

Предлог уставните измени од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, со кои се бара прецизирање на бракот како заедница меѓу маж и жена не е никаква дискриминација, туку политика која значи заштита на вредностите на општеството. Министеркта за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, во интервјуто за Прес 24, вели дека тоа е политика на владеачката партија и додека ВМРО е на власт ќе се грижи дечињата да имаат татко и мајка, бидејќи тоа им го должи ним и на поколенијата.

-Јас не гледам како истиот би можел да води кон нетолеранција и дискриминација. Јас не го спорам правото на СДСМ да има исти ставови со ЛГБТ заедницата, но моите ставови и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ се различни. Јас не се сложувам со легализирање на истополовите бракови или давање можност да посвојуваат деца и тоа јасно го кажувам. Додека ВМРО е на власт бракот ќе биде заедница исклучиво меѓу маж и жена, вели Јанкуловска во интервјутиоПрес24.

Министерктата Јанкуловска не смета дека лустрацискиот процес, за кој многумина тврдат дека индиректно значи разнебитување на службите за безбедност, го загрозува нивното професионално работење. Лустрацијата, вели Јанкуловска во интервјуто за Прес24, мота да биде спроведена без разлика на кого се одднесува.

-Кој е тој монструозен ум кој може да нареди следење на седиште на опозициска партија. Кој е тој монструозен ум кој може да собира информации и да уништува нечија судбина само затоа што некој бил „македонски националист“. За жал, изгледа дека јасните пораки на македонските граѓани за демократија и владеење на правото, тешко допираат во СДСМ. За нив ако УБК не смее да отвара предмети против политички неистомисленици и ако не смее да соработува со лица по овој основ, значи дека Управата нема што да работи. На наша среќа и на среќа на сите граѓани не е така, вели Јанкуловска за Прес24.

Јанкуловска во саботното интервју, за Прес24, одговара и на сите сомнежи што опозицијата ги отвара во врска со случајот со Томислав Кежаровски и Никола Младенов. За трагичната смрт на сопственикот на неделникот Фокус, Јанкуловска тврди дека нама ниту еден доказ кој може да укажува на кривично дело. Она што за Јанкуловска е симптоматично е што опозициската СДСМ речиси за секоја акција на полицијата или пак приведување на некое лице бара политички мотиви.

 

-Истите лица почнувајќи од Бендевска, Ивановски, Макрадули и други пратеници на СДСМ ги гледавме во протести пред Истражниот затвор и за „Пајажина“ и сега за „Ликвидација“. Зарем треба судот нив да ги моли да достават список против кого може да се преземаат мерки на прогон, а кој се наоѓа надвор од законот. Зарем СДСМ треба да каже кому може, а кому не може да му се изрече мерка притвор, вели Јанкуловска во саботното интервју за Прес24.

Press24: Пред неколку дена како владеачка партија предложивте измени во Уставот во насока на дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена. Ваквиот предлог според СДСМ ќе ја зголеми нетолеранцијата и ќе ја институционализира дискриминацијата. Ве обвинија дека ваквиот предлог е во насока на досегашното замижување пред насилството врз ЛГБТ заедницата. Ги расчистивте ли инцидентите од Скопската чаршија?

 

Јанкулоска: При инцидентите во Скопската чаршија се преземени сите мерки кои согласно законот и стојат на располагање на полицијата. Извршен е увид, обезбедени се снимки, разговарано е со очевидци. Буквално се како и во секој друг случај. За случајот поднесовме и Посебен извештај. Не го спориме правото на СДСМ да се легитимира со ЛГБТ заедницата, да ја протежира и помага, но ние нема да си го дозволиме луксузот некого да привилегираме, а некого да дискриминираме. За нас сите граѓани на Р. Македонија се еднакви пред законот и во сите случаи постапуваме еднакво и неселективно. Во однос на предлогот, јас не гледам како истиот би можел да води кон нетолеранција и дискриминација. Јас не го спорам правото на СДСМ да има исти ставови со ЛГБТ заедницата, но моите ставови и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ се различни. Јас не се сложувам со легализирање на истополовите бракови или давање можност да посвојуваат деца и тоа јасно го кажувам. На крајот на краиштата нам граѓаните не ни дадоа мандат да озаконуваме бракови меѓу мажи или меѓу жени и да им доделуваме деца на посвојување. Но СДСМ може на првите наредни избори во својата програма да излезе пред граѓаните со ваков предлог и доколку обезбедат поддршка од мнозинството ќе може да го имплементираат. Додека ВМРО е на власт бракот ќе биде заедница исклучиво меѓу маж и жена. Додека ВМРО е на власт ќе се грижиме дечињата да имаат татко и мајка, тоа им го должиме ним и на поколенијата.

Press24:Од самото отпочнување, процесот на лустрација стана жешка тема. Мислењата во јавноста се поделени. Меѓу различните критики за лустрацијата е и таа дека со нејзиното спроведување ќе се наруши безбедносниот систем и ќе се загрози работењето на службите. Како вие од позиција на прв човек на Министерството за внатрешни работи гледате на лустрацијата? Постои ли ризик по работењето на службите?

 

Јанкулоска: Ако службите имаат цел да ги газат човековите права и слободи во полза на нечии лични или политички интереси, тогаш подобро и да не постојат. Ги видов и јас ваквите ставови искажани директно од потпрестедателката на СДСМ. Не сакам да верувам дека се изнесени од незрелост и неискуство. Иако таа никогаш не работела во службите и не го познава доволно нивниот начин на постапување, сепак станува збор за човек кој, иако кратко, се наоѓа на висока функција во партијата и може, а сигурна сум дека и детално се информирала од нивните поранешни функционери кои ја познаваат проблематиката. Исто така, не сакам да верувам дека ваквите ставови се изнесени од незнаење, бидејќи сепак се работи за професор, кој мора барем теоретски да ја познава проблематиката. Оттаму, многу повеќе верувам дека ставот оти со лустрацијата се загрозувало работењето на службите е повеќе плод на една матрица која сеуште е жива и доминантна во СДСМ. Според таа матрица од времето на едноумието, постои еднаквост меѓу партијата на власт и државата. Се што не е во интерес на партијата е спротивно на интересите на државата и мора да се вложат сите капацитети за да се сузбие. Кој е тој монструозен ум кој може да нареди следење на седиште на опозициска партија. Кој е тој монструозен ум кој може да собира информации и да уништува нечија судбина само затоа што некој бил „македонски националист“. За жал, изгледа дека јасните пораки на македонските граѓани за демократија и владеење на правото, тешко допираат во СДСМ. За нив ако УБК не смее да отвара предмети против политички неистомисленици и ако не смее да соработува со лица по овој основ, значи дека Управата нема што да работи. На наша среќа и на среќа на сите граѓани не е така. Службите и тоа како имаат што да работат. Нивната подготвеност и ефикасност е на степен како никогаш досега, но не по цена на човековите права и слободи и не заради прогон и притисок врз политичките неистомисленици.

 

Press24:Беа лустрирани Славко Јаневски, Томе Серафимовски, Божин Павловски и други величини кои се вградиле во македонската култура и уметност. Дали со нивното етикетирање не се подриваат темелите на македонскиот идентитет?

 

Јанкулоска: За мене македонскиот идентитет не е ниту Јаневски, ниту Серафимовски, ниту кое било име или поединец. Во македонскиот идентитет се вградени сите наши претци. Македонскиот идентитет го градиме сега и ние, а ќе продолжат да го градат и нашите поколенија. Македонскиот идентитет постоел и пред Јаневски и пред Павловски. Не спорам дека тие веројатно го вложиле сиот свој уметнички капацитет и дарба. За тоа суделе и ќе судат критичарите, читателите и љубителите на уметноста. Тоа што ми пречи е обидот македонскиот идентитет да се поистовети со поединци. Македонија е над сите нас и сите ние сме Македонија. Македонскиот идентитет не е само напишана книга или скулптура или кое било дело, па макар и да е наградено со Нобелова награда. Македонскиот идентитет е градење на подобро образованието, здравство, подобар и поправичен правен систем. Македонскиот идентитет не е кодошење и газење врз човековите права. Македонскиот идентитет не е следење и уништување на судбините на цели семејства само заради тоа што некој бил политички неистомисленик. Ниту јас, ниту мнозинството на граѓани не сака и неможе да се идентификува со ваквиот „идентитет“ кој ни се сервира. Затоа мислам дека со процесот на лустрација само го градиме и зацврснуваме идентитетoт на демократска и просперитетна Македонија. Дали забележавте дека досега практично и немаше објективна расправа околу изложените докази дека некој бил соработник на службите. Сите аргументи се сведуваа на тоа колку бил некој голем и колку изложувањето на документите за него можеле да претставуваат удар во темелите на македонскиот идентитет. За мене е неприфатливо да почнеме да правиме списоци кој смее, а кој не смее да биде лустриран. Кој може, а кој не може да се најде пред Комисијата за верификација на фактите. Впрочем и самата комисија само ги верификува фактите т.е доказите, кои или ги има или ги нема.

 

Press24:За Хелсиншкиот комитет и некои други невладини организации лустрацијата претставува „лов на вештерки“ и газење врз човековите права. Како вие гледате на овие критики?

 

Јанкулоска: Мене сета галама и напади врз лустрацијата ми личат на детска болест. Сипаниците доколку не ги прележите како дете, стануваат многу поопасни и потешки за надминување како возрасен. Кога сите земји од централна и источна Европа се соочуваа со своите демони од минатото во 90-тите години, Македонија се изолираше и одбегнуваше да се погледне во огледалото. За Црвенковски и сите кадри од поранешниот Сојуз на комунисти, Македонија беше олицетворение на демократијата. Пример од кои можеле да учат и западните демократии. Никогаш во Македонија според СДСМ не постоела УДБА и КОС, никогаш во Македонија не се отварале обработки против политички неистомисленици. 20 години подоцна ја плаќаме цената за бегството од самите себе и од нашето минато. Сега организмот потешко се справува со болеста. Сега и температурата и треските се поголеми. Перцепцијата е искривена. Има ли поголем апсурд од тоа невладини организации кои се декларираат дека работат во полза на човековите права, да не спомнат ниту збор за правата на оние кои биле прогонувани и да се грижат само за правата на тие што давале наредби и помагале во политичкиот прогон. Убедете ги семејствата на жртвите, нивните синови, браќа, сопруги внуци дека не е важно што тие биле прогонувани туку општиот интерес е да ги заштитиме прогонувачите. Јас сум убедена дека Македонија има сила. Граѓаните ја вкусија демократијата и знаат што сакаат. Младите знаат во каква земја сакаат да живеат. Сакаат нов граѓански и демократски македонски идентитет. Јас верувам дека имаме сила да ја прележиме оваа болест. Ме радува што процесот почнуваат да го прифаќаат и новинарите блиски до опозицијата, оставајќи го СДСМ сам да се бори против лустрацијата. Пред некој ден прочитав дека еден интернет портал дошол и самиот до сознанија за нечија соработка и документите ќе ги испрател до Комисијата за верификација. Се надевам дека по истите ќе биде постапено и ќе се донесе соодветно решение, иако интересно е ако немало политички прогон како досиеја завршувале во приватни раце и архиви.

 

Press24:  Деновиве беа актуелни протестите пред судот и Истражниот затвор околу случајот „Ликвидација“ и кривичниот прогон на новинарот Кежаровски. Дилемата која се наметна во јавноста е дали станува збор за кривично-правен настан или обид за заплашување на медиумите?

 

Јанкулоска: За жал оваа пракса на протести не е нова, а убедена сум и дека нема да биде последна. Бевме сведоци на протести пред судот и затворот и по преземањето мерки во случајот „Пајажина“. Бевме сведоци на насилни протести пред судот и во случаите „Глобал“ и „Тенковски делови“. Насилно се протестираше и по реализирањето на операцијата „Монструм“ и се бараше ослободување од притвор на осомничените. Сега гледаме дека се реагира и на продолжението на операцијата „Фаланга“. Јас го разбирам и почитувам правото на протест, но не можам да го оправдам фактот дека наместо правна помош за осомничените и почитување на правните процедури, се прават обиди на ваков начин да се испраќа порака до судот. Гледам дека и судот тие пораки јасно ги протолкува коко обид да се изврши притисок врз неговото работење надвор од сите процедури. Навистина и не гледам како поинаку би можела да се протолкува пораката која што се испраќа со протест пред суд или затвор. Истите лица почнувајќи од Бендевска, Ивановски, Макрадули и други пратеници на СДСМ ги гледавме во протести пред Истражниот затвор и за „Пајажина“ и сега за „Ликвидација“. Зарем треба судот нив да ги моли да достават список против кого може да се преземаат мерки на прогон, а кој се наоѓа надвор од законот. Зарем СДСМ треба да каже кому може, а кому не може да му се изрече мерка притвор. Граѓаните нас не гласаа врз основа на нашата програма за бескомпромисна и неселективна борба со криминалот. Доколку СДСМ некогаш победи на избори со програма во која ќе понуди листа на заштитени лица, за кои не важат истите закони како и за останатите граѓани, тогаш ќе може да ја реализира да одредува кој е привилегиран.

 

Press24:Сепак се работи за новинар, а Република Македонија беше критикувана за почитување на правото на слобода на говор?

 

Јанкулоска: Дискутабилно е прашањето од кого беше критикувана и на што се базираа критиките. Дали е некој новинар, судија, обвинител, полициски службеник или доктор нас не не интересира. Законите важат подеднакво за сите. Така работевме изминативе години, кога граѓаните седум пати по ред ни ја дадоа поддршката. Така и ќе продолжиме да работиме. Впрочем неселективното постапување при постапувањето е начинот на кој што работи секоја демократија. Најмногу пресуди против новинари има токму од Хашкиот трибунал. Зарем некој ќе тврди дека Меѓународниот суд работи пристрасно и недемократски кога покренува постапки против новинари. Наместо како што се сугерира тука, замижување пред кривичното дело, Хаг покрена постапки и осуди четворица новинари поради сомнение за истото кривично дело „откривање на идентитетот на заштитен сведок“. Освен високите парични казни и до 20 000 евра, еден од новинарите е осуден и на казна затвор. Во случајот „Ликвидација“ утврдивме основано сомнение за сторено кривично дело и од страна на новинарот и поднесовме пријава. Обвинителството ја прифати пријавата. Некои медиуми објавуваат дека обвинителството се сомнева дека кривичното дело, односно објавувањето на заштитениот сведок не било случајно, бидејќи новинарот е со правен факултет, а на истата страна го цитира и Законот за заштита на сведоци што укажува дека ги познавал импликациите од неговото кршење. Повторно и во овој случај се доведуваме во ситуација, случајно или не, некои поединци и медиуми, вклучувајќи ги и истите невладини организации, да се грижат повеќе за осомничените отколку за правдата што ја бара семејството на убиениот Лазо Милошевски. Јас не видов никој ним да им објасни дека не е важна трагедијата на 74 годишниот Лазо, кој беше брутално ликвидиран. Не видов некој да собере храброст и да им каже дека не треба да се грижат ако со откривањето на заштитениот сведок и другите незаконитости при водењето на предметот, правдата за нивниот Лазо не била задоволена. Нам ни е важно дека по реализирањетона случајот „Ликвидација“ добивме многу писма од граѓани од Велес кои ја поздравија акцијата и почнаа отворено и без страв да говорат и за други предмети во истиот суд.

 

Press24:Опозицијата и некои невладини организации силно критикуваат дека состојбата со новинарството никогаш не била ваква и Македонија никогаш не се наоѓала толку ниско на  рангирањата на одредени меѓународни организации.

 

Јанкулоска: Никогаш претходно не се случувало толку брутално и без срам да се злоупотребуваат медиумите и слободата на говорот од страна на политичка структура која се обидува да дојде на власт т.е сегашнава опозиција за дневнополитички тесопартиски цели. Не смее да заборавиме дека најгласните викачи кои фрлаа дрва и камења по власта во име на „слободата на говорот“, беа наградени со добитни места на листата на СДСМ на минатите избори. Не само нашите граѓани, туку и меѓународните претставници забележуваат дека истите новинари кои тормозеа постари лица и кои турски студенти лажно прикажуваа како гласачи, сега се наградени со вработување во општина Центар. Општината почна да вработува сниматели и други лица кои со агитирање придонеле за изборите. Сите ја гледаат хипокризијата во загриженоста на опозицијата и невладините околу нив. „Вашите прашања се примени и ќе бидат разгледани. Ве замолуваме во иднина да наведете за која цел, за каков текст, во кој контекст ги поставувате прашањата со цел да можеме соодветно и благовремено да одговориме“. Ова е одговорот кој го добил нашиот најтиражен дневен весник откако доставил прашања до Центарот за комуникации на опозициската СДСМ. Иако е срамен, морав да го цитирам целиот, бидејќи мора да признаам дека во последно време е една од главните теми на кои многумина најпрвин се исчудуваат на ваквата дрскост, а потоа чудењето прераснува во смеа, подбивање и шеги на сметка на авторот. За жал нема да видите реакција на истите невладини организации и загрижени поединци на ваквото однесување на СДСМ. Зарем нереагирањето не подразбира дека овие борци за слобода на говорот сметаат дека медиумот треба однапред да бара дозвола од СДСМ и да го објаснува контекстот со извинување дека воопшто прашуваат за некоја тема.

 

Press24:Како гледате на измените во кривичниот законик и декриминализацијата на клеветата. Власта и опозицијата и за него не можеа да најдат допирна точка, како што не можат да најдат допирна точка и за новите закони за регулирање во медиумската сфера.

 

Јанкулоска: Мене повторно проблемот ми наликува на немоќта на опозициската СДСМ да раскрсти со матриците од минатото. Никако да сфатат дека не се само два или три медиуми под државна капа и под нивна команда. Никако да сфатат дека постојат и приватни, независни медиуми кои не мора однапред да бараат одобрение и да најавуваат за што ќе пишуваат во центарот за комуникација на СДСМ. Со многу мои колеги од европските земји и пошироко сум разговарала и сум ги прашувала дали паметат дека некој, некогаш и некаде протестирал пред приватен медиум. Одговорот беше негативен, но за жал ние моравме да обезбедуваме една приватна телевизија пред која протестираше СДСМ. Може да претпоставите како им е на новинарите кои работат таму и која е пораката што ја испрати СДСМ, а премолчено ја одобрија нивните невладини сателити. Трагично е што после тоа СДСМ доби уште една шлаканица од граѓаните, се смени раководството, а начинот на делување остана ист. Како да ја толкувате првата прес конференција на новиот портпарол кој започна со зборовите „Од тие причини, веќе во текот на денешниот ден, СДСМ ја започнува законската постапка и процедура и по писмен пат бара од горенаведените медиуми да се извинат и да го објават овој демант. Во спротивно, по истек на законските рокови, против одговорните лица ќе бидат покренати соодветните судски постапки.“. За што всушност се работи. За изјава на претседателот на СДСМ за кој Центарот на комуникации по три дена утврдил дека не рекол „двонационалниот идентитет“, туку „недопирање на, ВО  НАЦИОНАЛНИОТ идентитет на државата“. Зарем некој може да претпостави ваква конструкција на реченица и зарем некој може да ги прочита мислите на претседателот на СДСМ. Кога на тоа ќе ги додадете заканите со тужби кон новинарите на Шекеринска, Фрчковски или други функционери, јасна е искреноста на СДСМ и нивните сателити во барањата за независно новинарство.

 

Press24:Се чини дека во некои медиуми уште останаа дилеми околу смртта на Никола Младенов. Се поставуваат прашањата каде одел, дали се среќавал со некого и каде е неговиот телефон? Некои дури го поврзуваат овој случај со приведувањето на Кежаровски?

 

Јанкулоска: Поврзаност нема апсолутно никаква, освен индивидуалните злонамерни шпекулации. Поединци кои сакаат да злоупотребат нечија трагедија имало и ќе има. Полициски случајот е целосно чист и документиран. Од самиот почеток ги вложивме сите капацитети. Колегите од сообраќајната увидна екипа се професионалци и постапувале во илјадници слични случаи. Сите докази кои ги имавме ги комплетиравме и доставивме до Јавното обвинителство и Истражниот судија. Како што беше соопштено на прес конференцијата, станува збор за трагична сообраќајна незгода. Ниеден елемент не укажува на ништо друго. Не чув дека досега е понуден макар еден доказ кој би одел во насока дека станува збор за кривично дело, а не за сообраќајна незгода. Не велам дека некои поединци не ги интересираат информациите со кого контактирал, со кого соработувал, но во отсуство на каков било сомнеж и при фактичка состојба која целосно и неспорно укажува дека станува збор за сообраќајна несреќа, не гледам врз база на што органите на прогонот би отварале кривична истрага.

 

Press24:Република Македонија трпеше големи критики за таканаречените лажни азиланти. Сега ние сме соочени со таква ситуација. Информациите велат дека Лојане и други села наликуваат на села во Сомалија или Пакистан. Дека повеќе има илегалци од домицилно население. Што презема министерството за да ја сопре оваа појава, особено и заради поплаките кои пристигнуваат од земји членки на ЕУ за зголемениот број на илегалци.

 

Јанкулоска: Факт е дека кризите низ светот, особено во северна Африка, блискиот и среден Исток, доведоа до огромен број на раселени лица и бегалци кои својата среќа ја бараат во ЕУ. Самото тоа доведува до зголемен притисок врз буџетите и попречување на легалната и посакувана миграција. Затоа разбирливи се поплаките на побогатите земји членки на ЕУ, но апсурдно е да се критикува Македонија во ситуација кога и ние сме изложени на истиот проблем и истиот ризик. Уште поапсурдно е тоа што се игнорира фактот дека нас не загрозува токму земја членка на ЕУ, бидејќи најголемиот притисок ни доаѓа токму од јужната граница. Македонската полиција вложува максимални напори да се справи со проблемите, но нереално е да се очекува дека земја која е надвор од Шенгенскиот договор или заедничката европска граница да се справи сама со овој проблем и да ги брани европските граници кога токму од европска граница и се излева проблемот. Веќе почнавме да регистрираме кривични дела поврзани со илегалните мигранти, како неодамна расчистеното убиство во близина на Табановце или разбојништвото во близина на Велес. Ќе продолжиме да работиме интензивно за да не дозволиме повторување на вакви инциденти или нивно прелевање во градовите. Сепак мора да кажеме дека бројот на откриени илегалци преку јужната граница е за цели пет ипол пати поголем во однос на првото полугодие од минатата година. Тоа е огромоен трошок и огромен ризик за нашата земја. Ние сакаме да ставиме крај на ваквата појава и реализиравме десетици акции како „Решето“ во кои беа приведени голем број лица осомничени за криумчарење мигранти. Да можеме херметички да ја затвориме границата за илегално минување, тоа би го сториле. За жал, тоа е невозможно. Затоа најефикасен метод би била подобра координација и соработка со грчките колеги. Апсурдот е што токму со Грција, досегашната соработка е далеку од онаа која што ни е потребна. Досега сме покренале многу иницијативи и наскоро повторно ќе му пишам на мојот колега. Ниту еднаш не сме добиле позитивен повратен одговор, иако се работи за проблем кој не засега и нас и грците, но и ЕУ. Имаме потпишани договори за заеднички контакт центри со Бугарија, која е членка на ЕУ, со Албанија, а во завршна фаза сме и со Србија и со Косово. Со сите останати служби имаме заеднички патроли, а веќе отваравме и заеднички премини. Сето тоа придонесува за поефикасна борба со шверцот, илегалната миграција и прекуграничниот криминал.

 

Press24:Како реагираат преставниците на меѓународната заедница на недоволната соработка? Има ли барем некаква комуникација околу постапките на граѓаните кои пријавуваат оштетувања на возилата?

 

Јанкулоска: Досега не сме добиле повратно ниту едно известување дека барем еден случај бил расчистен, документиран и виновникот изведен пред лицето на правдата. Преку меѓународната полициска соработка од нас не е побарано ништо и навистина не знам дали и како постапува грчката полиција по овие случаи. Факт е дека во однос на минатото кога регистриравме само оштетувања на возилата, сега на мета се и новите регистерски ознаки, иако имаме пријавено случаи во кои биле украдени и старите таблички. Само во изминатиов период се регистрирани 36 случаи на оштетувања на возила или кражба на регистерски ознаки. Освен немањето повратна информација за исходот од истрагите, за нас е индикативно тоа што на нашите гранични премини, практично и да немаме регистрирано странско возило од кое се украдени табличките или на кое е испишан каков било графит. Чинам дека би било премногу наивно да претпоставиме дека е некаква коинциденција. Напротив, сите факти укажуваат дека крадењето таблички и оштетувањето возила е тенденциозно. Некому во Грција не му одговараат туристите од Македонија и тие не се добредојдени. Ваквите инциденти, сигурно не се во насока на продлабочување на добрососедските односи во ситуација кога некои македонски државјани позајмуваат пари за да го платат одморот во грција. На крај се враќаат разочарани и со дополнителни главоболки и трошоци. Меѓународната заедница ја следи состојбата, но за жал јас немам видено досега некаков напор или активност која би ни помогнала да седнеме заедно со нашите колеги од Грција и на рамноправна основа да дискутираме за проблемите кои ги засегаат нашите граѓани.

 

 

04.08.2013 - 08:59