Лохте остана без спонзори поради лажното тврдење за грабеж

 

Американскиот пливач Рајан Лохте го загуби спонзорството од четири компании поради неговото недолично однесување и лажно тврдење за грабеж за време на Олимписките игри во Рио.

Веднаш по завршувањето на Игрите спонзорите почнаа да ги прекинуваат договорите со освојувачот на 12 олимписки медали. Најпрво американската компанија за производство на костими за капење „Спиидо“ најави дека 50-те илјади долари наменети за Лохте ќе бидат донирани во хуманитарната организација од Бразил „Спасете ги децата“.

- Не можеме да преминеме преку однесување што е спротивно на вредностите зад кои нашиот бренд стои со години, се вели во соопштението на компанијата.

Компанијата „Ралф Лорен“ соопшти дека нивното спонзорство со Лохти се однесуваше конкретно на ОИ и дека нема да биде продолжен договорот.

Од компанијата за производство на средства за депилација „Синерон кандела“ информираа дека го прекинуваат партнерството со Лохте поради тоа што бараат нивните бизнис партнери да поседуваат високи стандарди.

И јапонскиот производител на душеци „Ервејв“ ја прекина соработката со американскиот пливач по случувањата во Рио.

Лохте се извини за своето однесување, бидејќи бразилската полиција утврди дека е измислена приказната за грабеж извршен врз него и тројца негови колеги при нивни транспорт во такси-возило за време на Олимпијадата во Рио. 

 
 
23.08.2016 - 12:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега