Започна јубилејниот триести Охридски пливачки маратон - Нашиот Поп Ацев го брани првото место

 

Сите 18 пријавени пливачи точно на пладне запливаа во водите на Охридското Езеро кај Свети Наум, на стартот на 30-тиот меѓународен Охридски пливачки маратон.

Осумте пливачи и исто толку пливачки од седум држави ќе треба да ги испливаат 30-те километри колку што е долга патеката „Климе Савин“, од Свети Наум низ 11 контролни точки до целта кај Охридското пристаниште.

Моменталните временските услови без бранови на Езерото со температура на водата од 22 степени овозможуваат добра трка и можеби нов рекорд на патеката. Во такви услови на пливачите за да стигнат до целта ќе им бидат потребни околу пет и пол часа.

Македонската пливачка експедиција оваа година ја сочинуваат минатогодишниот победник Евгениј Поп-Ацев, заедно со Томи Стефановски и Александар Илиевски. Фаворити за победници на јубилејниот пливачки маратон се нашиот Поп-Ацев, Едуардо Стокино од Италија и Дамиен Блаум од Аргентина. Тие ќе се обидат да го соборат рекордот на трката што е сопственост на Рејмонд Аксел од Франција (5:09:54) постигнат во 2013 година.

Охридскиот маратон што се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, е редовна трка од „Гран-при“ серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА) и е најголемата меѓународна спортска манифестација во земјата. 

Наградниот фонд на маратонот во Охрид изнесува десет илјади долари. Организатор е Меѓународната пливачка федерација (ФИНА), додека техничката организација е на Македонската пливачка федерација, со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и Општина Охрид.

Во ФИНА бодувањето се одредува според висината на паричниот фонд, така што победникот на Охридскиот пливачки маратон покрај паричната награда ќе добие и 15 бода на своето конто, второпласираниот 11, третиот 9, четвртиот 7...осмопласираниот 3 бода. Секој што ќе го исплива маратонот во предвидениот временски рок до половина час после пристигнувањето на победникот на целта добива два бода.

Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид се одржа во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри. Победник на првиот маратон беше Египќанецот Абу Хеиф, третото место му припадна на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победи неговата сестра Атина Бојаџи.

Релативно малиот број пливачи на годинешниот Охридски маратон е поради учеството на голем број спортисти од светската лига на Летните олимписки игри што се одржуваат во Рио де Женеиро.

 
 
20.08.2016 - 12:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега