Војник на АРМ повреден од автоматска пушка

 

Дваесет и седум годишен професионален војник на АРМ се здобил со прострелна рана од личното вооружување (автоматска пушка) со кое вршел должност, информираат од ГШ на АРМ.

Инцидентот се случил вчера во вечерните часови додека војникот редовно извршувал стражарска служба во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.

-Имено, од засега неутврдени причини, професионалниот војник при вршење на должност на стражарско место во касарната ,,Мирче Ацев“ во Прилеп, се здобил со прострелна рана од огнено оружје во пределот на стомакот. Професионалните војници кои биле на должност,  веднаш му пружиле прва помош, а за кратко време војникот бил пренесен во градската болница во Прилеп, каде било констатирано дека кај него има влезно-излезна прострелна рана во пределот на стомакот. Синоќа, војникот е пренесен во Ургентниот Центар во Скопје, каде му е извршена хируршка интервенција и е вон животна опасност, во стабилна здравствена состојба, информираат од ГШ на АРМ.

За случајот се известени надлежните судски органи, органите на МВР и дежурната служба на Воена полиција, кои се излезени на лице место за да ги утврдат причините поради кои дошло до истрелување на куршум од личното вооружување и повреда на војникот.  

Врз основа на првичните сознанија, пред извршување на должноста, согласно Правилото за обезбедување на објекти, материјални средства и луѓе во АРМ, навремено и целосно е извршена подготовка на  комплетниот состав на лицата кои извршуваат стражарска служба во гарнизонот Прилеп, при што е утврдено дека професионалниот војник кој се повреди, бил во добра здравствена и психофизичка состојба.  

 

 

Оцени ја веста

04.09.2015 - 09:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега