Поволности за трудниците: Бремените жени вежбаа во Борис Трајковски
Четириесет бремени жени од изминатиот месец ги користат бесплатните часови по јога, што ги организира Министерството за здравство во соработка со Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Бремените жени се распоредени во две групи од по 20 жени, а часовите се одржуваат два пати неделно (понеделник и четврток – една група, вторник и петок – друга група) во периодот од 17 до 18 часот. Отворена е можноста за пријавување на заинтересирани жени и во зависност од интересот може да се формира и нова група за часови по јога, соопшти денеска Министерството за здравство.
Покрај инструкторот, како што е наведено, на секој час е присутен доктор-гинеколог.
- Од медицински аспект, овие вежби овозможуваат значајни бенефити за здравјето на бремените жени, како и за здравјето на децата. Јога-вежбите влијаат на подобрување на психофизичката состојба на мајката, ослободување од стресот, како и успорување на срцебиењето и намалување на крвниот притисок, кои вообичано се поизразени и поинтензивни во текот на бременоста, посочува ресорното Министерство.
Со практикување на овие вежби се зајакнува мускулатурата и се подобрува циркулацијата, што предизвикува намалување на отоците по телото, кои вообичаено се појавуваат во текот на бременоста, а вежбите поттикнуваат емотивен и физички баланс на телото на жената.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа