Продолжен рокот за пријавување проекти за финасирање активности на здруженија и фондации
Градот Скопје донесе одлука Јавниот повик за финансирање програмски активности на здруженија и фондации, да го продолжи до 27.02.2015 година.
Дополнително, сите здруженија на граѓани и фондации кои имат прашања во врска со објавениот јавен повик, ќе можат да остварат средба со претставниците на градската администрација во просториите на НВИнфо-центарот во Младинскиот културен центар во петок (06.02.2015 година) и вторник (10.02.2015 година) од 09 до 15 часот.
I. Области на проекти кои ќе бидат поддржани:
1) Финансиска поддршка на проекти од областа на социјална, детска и здравствена заштита
Во рамките на овој Јавен повик, проектите кои ќе бидат финансиски поддржани од Градот Скопје, Одделение за социјална, детска и здравствена заштита, треба да се однесуваат на приоритетите, дефинирани во Програмата за активностите во областа на социјална, детска и здравствена заштита во Град Скопје за 2015 година, и да се во согласност со целите и активностите на Локалната стратегија за дроги и Акционен план за дроги на Град Скопје (превенција, лекување, рехабилитација и ресоцијализација, намалување на штети и градска безбедност), односно со Стратегијата и акцискиот план за родова еднаквост на Градот Скопје (Програмата и стратегиите се достапни на веб страната на Градот Скопје www.skopje.gov.mk), и тоа за:
а) Унапредување на човековите права, еднакви можности, родова рамноправност, поттикнување и развој на лични и општествени вредности,
б) Унапредување на здравствената заштита и промовирање здрави стилови на живеење,
в) Поддршка на центрите за рехабилитација, ресоцијализација и програми за социјално вклучување за лицата кои употребуваат дроги и
г) Поддршка на програмите за примарна превенција од употреба на дроги.
2) Финансиска поддршка на проекти од областа на образование
Во рамките на овој повик, проектите кои ќе бидат финансиски поддржани од областа на образованието, треба да се насочени кон следниве приоритети:
а) Унапредување на безбедноста во училиштето и спречување на училишното насилство (промоција на партиципативен пристап во справувањето со насилството и унапредувањето на безбедноста и овозможување континуитет на повеќегодишната работа на училиштата на ова поле);
б) Унапредување на здравјето на учениците и животната средина (унапредување на соработката и поврзаноста меѓу наставниците, учениците, експертите од областа на здравјето и животната средина и јавните претпријатија во акции за континуирано разубавување на животната средина и градење на здрави животни стилови);
в) Истражување и промоција на ученичките права, слободи и различности;
г) Организирање манифестации, културно-уметнички настани и паради за средношколците коишто завршуваат средно образование и промоција на најдобрите матуранти од средните училишта на градот.
3) Финансиска поддршка на проекти за програмски активности на здруженија и фондации од интерес на Град Скопје
Во рамките на овој повик, проектите кои ќе бидат финансиски поддржани од Град Скопје, Одделение за соработка и поддршка на здруженија и фондации, треба да се однесуваат на приоритетните цели дефинирани во Стратегијата на Град Скопје за соработка со граѓанските организации 2013-2016 година од следниве приоритетни области:
а) Градење на капацитетите на здруженија на граѓани за подготовка на проекти согласно со програмите на Европската унија,
б) Подигнување на свеста и поддршка на иницијативи за социјално претприемништво кај граѓанските организации,
в) Поддршка на активно учество во регионални иницијативи, проекти и проекти од Европските програми,
г) Унапредување на вклученоста на граѓанските организации во спроведување на активностите на градската администрација во согласност со нивниот ресор и учество во процесите на креирање политика и донесување одлуки и
д) Поддршка на програми за младинско волонтерство.
4) Финансиска поддршка на манифестации на здруженија и фондации од интерес на Град Скопје
Во рамки на овој повик, проектите кои ќе бидат финансиски поддржани од Град Скопје, Одделение за соработка и поддршка на здруженија и фондации, треба да се однесуваат на приоритетните цели дефинирани во Стратегијата на Град Скопје за соработка со граѓанските организации 2013-2016 година од следниве приоритетни области:
а) Промоција на здрави животни навики кај младите.
б) Ден на здруженија и фондации (НВО Саем).
Средствата се однесуваат за 2015 година.
Користењето на доделените средства ќе биде специфицирано во договорот помеѓу здружението/фондацијата и Град Скопје.
Основни организациски критериуми кои треба да ги исполнуваат здруженијата и фондации кои учествуваат на овој повик се:
- Да се регистрирани според Законот за здруженија и фондации со седиште во Скопје;
- Да не добиле средства или поднеле пријава од/до друг орган на државната управа или други извори за иста намена и активности за кои поднесуваат пријава, а што би значело двојно финансирање на истите активности од различни извори.
Проценката на квалитетот на проектите на здруженијата и фондациите кои ги исполнуваат основните организациски критериуми, ќе се врши врз основа на критериуми.
Покрај Пријавата за финансиска поддршка на здруженија и фондации која треба да биде пополнета (со печатни букви во кирилско писмо), потпишана од застапникот на здружението или фондацијата и заверена со печат на здружението или фондацијата, здружението или фондацијата задолжително треба да ги достави следниве прилози:
- Статут на здружението или фондацијата;
- Фотокопија од решението за регистрација на здружението или фондацијата;
- Компјутерски пополнет Образец за Предлог-проект;
- Извештај за добиените средства од Буџетот на Град Скопје во изминатата фискална година и начинот на нивната реализација (доколку организацијата била корисник на средства доделени од Буџетот на Град Скопје за 2014 година);
- Годишен извештај на здружението или фондацијата за 2014 година;
- Фотокопија од завршната сметка за 2014 година;
- Уверение за платени даноци издадено од даночните органи.
Придружна документација
Здруженијата и фондациите во прилог треба да ја достават и следнава придружна документација:
- професионална биографија на стручните лица кои ќе бидат ангажирани во реализација на проектот,
- референтна листа или доказ (на пример: потпишан договор) за најмалку 2 проекти реализирани во областа за која се аплицира,
- најмалку две мислења/референци од партнери или донатори за реализација на претходни проекти, и
- писмена поддршка од други организации или институции за кои е планирано да земат учество во реализацијата на проектот.
Здруженијата на граѓани и фондации можат да поднесат само една пријава за финансиска поддршка за проект или манифестација.
Напомена: Пријавите со непотполна документација или по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат! Доставените прилози не се враќаат.
Период на реализација на проектите март - декември 2015.
Рок за поднесување на пријавите е до 27.02.2015 година до 15 часот.
Пријавата со целокупната документација треба да се достави преку пошта, во затворен плик на адреса: Град Скопје, Одделение за соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации , бул. „Илинден“ бр.82 , 1000 Скопје преку архивата на Град Скопје до 15 часот (со назнака – Пријава за јавен повик, област на проект 1,2,3 или 4).
Здруженијата или фондациите учеснички на јавниот повик ќе бидат известени за резултатите во рок од 10 дена од денот на донесување на Одлуката за распределба на средства од Буџетот на Град Скопје за 2015 година, наменети за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации.
Пријавата за финансиска поддршка на здруженија и фондации и Образецот за Предлог – проект, се достапни во просториите на Град Скопје, Одделение за соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации и на интернет страната на Град Скопје www.skopje.gov.mk и www.skopje.gov.mk/nvo.
Прашања за појаснување може да се поставуваат писмено или по електронски пат до Одделението за соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации.
Контакти:
Одделение за соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации, тел: (02) 3 207 525, е - маил адреса: [email protected]
Одделение за социјална, детска и здравствена заштита, тел: 02/ 3297 321; е- маил адреса: [email protected]
Сектор за образование, тел: (02) 3297-319, e-маил адреса: а[email protected]
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа