Скопје се гуши - еве каде е најзагадено утрово

 

Скопскиот регион и Тетово и денеска се најзагадени. Мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат високи концентрации на ПМ10 честичките во Центар, Карпош, Лисиче, Гази Баба, Миладиновци и во Тетово. Измерени се концентрации од 220 до 350 микрограми на метар кубен. 

ПМ10 над дозволената максимална граница се измерени и во Битола, Кичево и Кавадарци. 

Поради загадувањето остануваат во сила препораките до граѓаните, а најавеното прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат ќе се реализира кога ќе се создадат временски услови, односно ќе настапи период на суво време. Предвидено е да се прскаат само главните сообраќајници во централното градско подрачје. 

Според препораките граѓаните треба движењето на отворен простор да го сведат само на неопходни излегувања, малите деца, бремените жени, хроничните болни и постарите луѓе да не излегуваат на отворено, да не се проветруваат просториите и автомобилите да не се користат без поголема потреба. 

Да  не се користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, особено ако сопствениците и корисниците се свесни дека немаат обезбедено ефикасно одведување на чадот, граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и сл. со кои се загадува воздухот во просториите, а при затоплување на домовите да не се користат недефинирани горива и отпадни материи од различни технолошки процеси (отпадно масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пластична амбалажа, гума или синтетички материјали).

Возачите на тешките товарни возила да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот, сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат ако немаат регулирано испуштање на отпадните гасови, а раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ истиот да биде затворен со церада, стои во препораките.

До стопанствениците се апелира своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да избегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Инспекторатот на Град Скопје.

 

 

Оцени ја веста

22.01.2015 - 10:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега