Продолжуваат бројните проекти во Гази Баба
Благодарение на добрата соработка помеѓу Град Скопје и општина Гази Баба произлегуваат бројни проекти во корист на граѓаните. Градоначалниците Коце Трајановски и Тони Трајковски најавија дека исто како до сега, така и во 2015 година продолжува реализација на истите.
На територијата на Гази Баба деновиве заврши проширувањето на крстосницата на булеварот Александар Македонски со улицата 16. Македонска бригада во Автокоманда, со што во голема мера се олесни движењето на возилата, се намали метежот и се зголеми безбедноста во сообраќајот. Исто така, се отвори и реконструира затрупаниот канал кој поминува покрај паркот „Борис Трајковски" со што ќе се намалат поплавите кои што се појавуваа во овој дел од градот изминатиот период. Минатиот месец започнаа и градежните работи на третата фаза од проектот за изградба на фекалниот колектор во населеното место Инџиково.
-Многу брзо ќе почне да се прави надпатникот меѓу Инџиково и Хиподром, место кое е црна точка со многу сообраќајки. Тендерот е при крај, ќе биде избран изведувачот и во јануари или февруари ќе треба да почне реализацијата. Натпатникот ќе биде добро осветлен и означен. Многу брзо ќе го објавиме и тендерот за улицата Маџари, која на некој начин ќе стане и булеварско решение. Оваа реконструкција ќе биде искористена и за поставување нова атмосферска мрежа со поголем капацитет, со што целосно ќе се реши проблемот со поплавувањето на овој дел од Ченто, истакна Трајановски.
Инаку, градоначалниците, заедно со директорите на јавните градски претпријатија на Град Скопје, денеска присуствуваа на акција за чистење и уредување на паркот „Борис Трајковски" во Ченто, со што го означија почетокот на тридневната акција за чистење во оваа општина.
Оваа акција во општината Гази Баба е дел од единаесеттиот циклус посети на општините на Град Скопје и средби со претставниците на урбаните и на месните заедници. Акцијата и средбата во Гази Баба е последна и со тоа се затвора 11-от циклус на посети по скопските општини.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Трајковски, изјави дека овие средби даваат позитивни резултати на терен и ја подобруваат комуникацијата на општинската администрација и урбаните заедници со јавните претпријатија. Исто така, посочи дека во тридневната акција за чистење и уредување, Општина Гази Баба ќе се вклучи со над 60 лица вработотени во општинското јавно комунално претпријатие „Гази Баба-2007“.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа