Најмалку 500 деца се убиени од почетокот на руската инвазија, вели украинското обвинителство
Најмалку 500 деца досега се убиени во руската инвазија на Украина, што ја започна Москва пред повеќе од 17 месеци, соопштија украинските обвинители.
Обвинителството во Киев објави дека уште 1.100 деца се здобиле со повреди од различен степен и дека вистинската бројка веројатно ќе биде поголема бидејќи властите продолжуваат да го истражуваат бројот на жртвите во воената зона и во областите ослободени од Украина, како и во региони окупирани од руските воени сили.
Бројот на загинати и повредени деца е најголем во источните региони на Доњецк и Харков блиску до линијата на фронтот, а потоа следат главниот град Киев и Херсон во јужна Украина.
Властите тврдат дека во петокот во западна Украина во ракетен напад загинало осумгодишно момче.
Украинското правосудство води евиденција за цивилните жртви на војната, која Русија ја започна во февруари минатата година, и собира докази кои би можеле да се користат во судските процеси во кои ќе се утврдува одговорноста на руските војници за воени злосторства.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа