МФ: Издадени првите структурни обврзници – ги помагаме општините да се справат со финансиските предизвици

 

Министерството за финансии денеска ги издаде првите структурни обврзници наменети за општините Желино, Тетово и Виница, а со кои се обезбедува средства со кои на општините им се овозможува да ги намират досепаните обврски и да ги зајакнат своите финансиски капацитети. Издавањето на структурните обврзници е дел од предвидената реформа за унапредување на фискалната децентрализација и дел од пошироката реформа во управувањето со јавните финансии.

Структурните обврзници се хартии од вредност што Министерството за финансии ги издава на општините со кои се дава поддршка на општините за да ги подмират досепаните, а неплатени обврски кон доверителите. Се издаваат на 10 години и им овозможува да ги репрограмираат обврските и дава основа општините да ги консолидираат своите буџети и да можат да се фокусираат на својот развој. Износот за издадените обврзници ќе го враќаат во 10-годишни еднакви рати. Од друга страна, Структурните обврзници кои ќе бидат издадени на доверители, истите ќе може да ги користат за подмирување на обврски кон Управата за јавни приходи. Исто така, со нив ќе може да се тргува на секундарниот пазар на Берзата.

„Ова е значајна поддршка за општините, која е дел од реформата насочена кон обезбедување повеќе средства за локалните власти, преку зголемените приходи на општините од наплатените даноци од страна на централната власт, но исто е и во насока на зголемување на отчетноста и транспарентноста. Сето тоа е во насока на нивна финансиска стабилност и обезбедување квалитетни услуги, бидејќи тие се надлежни за области како што се образование, социјална заштита, животна средина, комунални услуги и слично“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, кој додаде дека целата реформа ги засилува локалните самоуправи и истовремено ги обврзува на поголема фискална дисциплина, отчетност и транспарентно работење.

Покрај структурната обврзница, која е предвидена со измени на Законот за финансирање на локалните самоуправи, на општините им стојат на располагање и други инструменти, како условен кредит исто така од Министерството за финансии и општинска обврзница за познат купувач – Министерството за финансии, а се е со цел зајакнување на нивната финансиска стабилност.

Структурните обврзници за кои Министерството за финансии денеска го објави проспектот, се во вкупен износ од 275 милиони денари, од кои од 250,2 милиони денари за Тетово, 21,7 милиони денари за Желино и 2,5 милиони денари за Виница.

Општините согласно Законот за финансирање на единиците на локалните самоуправи имаа можност да искористат структурна обврзница за обврските доспеани заклучно со 30 септември 2021 година.

Дополнително покрај овие инструменти општините дополнително се поддржани преку зголемување на трансферите од централниот буџет кон општините по основ на данок на личен доход од 3% на 6% и ДДВ од 4,5% на 6%.

 

29.09.2023 - 15:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега